Со модна ревија на венчаници се отвори 6-от Саем на венчавки

12 март 2016

Вечерва во хотелот Александар Палас со ревија на венчаници и машки костуми од неколку познати домашни модни куќи беше отворен 6-от по ред Саем на венчавки во организација на онлајн магазинот www.vobelo.com.

На моднната ревија во улога на модели се појавија личности од различни сфери на шоу-бизнисот: Ана Коцева, Елена Ристевска, Маја Поцевска, Викторија Лоба, Јована Стојменовиќ, Марјана Станојковска, Светлана Црнокрак, Јана Бурчевска, Дани, Рената Кралевска, Дарко (Спејко) и Мики Црнокрак.
Помеѓу венчаниците што продефилираа на модната писта имавме можност да видиме стилски различни венчални фустани: од такви што ги следат актуелните модни трендови до екстравагантни венчаници со експериментални кроеви, а за младоженците беа презентирани неколку стилизирани верзии на машкиот костум.

Венчаница Елена Лука, модел Ана Коцева

Романтичните венчаници се секогаш помеѓу фаворитите, независно од трендовите, па така и оваа сезона венчалните фустани со романтична естетика се најавуваат како водечки. Токму таква венчаница на модната ревија ни презентираше македонскиот моден бренд Елена Лука што ја носеше манекенката Ана Коцева. Префинета и елегантна, со асиметричен крој во глок форма, прецизни рачни доработки и богата композиција од ружи во нежно сина боја, венчаницата на Елена Лука е одраз на нејзиниот препознатлив дизајнерски, авангарден печат.

„При изработката на венчаниците се користени внимателно одбрани детали како украсни камења, бисери, богата тантела, како и рачно изработени модни додатоци кои им даваат уникатна завршница. И оваа година на штандот на Елена Лука во рамките на саемот, идните невести ќе имаат можност помеѓу големиот избор на венчаници, да ја најдат својата совршена. Притоа за сите кои ќе се одлучат за време на саемот да ја купат својата венчаница од нашиот бренд, ќе добијат специјален попуст", велат од модната куќа Елена Лука.

Ателје „Дива“, модел Дани

Неконвенционалните венчаници што со комбинацијата на невообичаени бои, форми, дезени или кроеви ги заобиколуваат стандардите, се почесто ги гледаме во понудата на модните куќи што укажува на тоа дека се поголем дел од невестите се одлучуваат и за таков избор на венчален фустан. Пејачката Дани носеше една варијанта на таква неконвенционална венчаница во рок фазон, над колена со корсетиран, плетен горен дел, од ателјето „Дива".

Помеѓу „невестите" на модната писта се појавија и Елена Ристевска која носеше венчаница на модната дизајнерка Мила Кадриу, Маријана Станојковска облечена во венчаница на ателјето „Forever", како и Јана Бурчевска која на себе носеше венчаница во „принцеза стил" од ателјето „Пепика".

Мила Кадриу, модел Елена Ристевска

Ателје Forever, модел Маријана Станојковска

Ателје „Пепита“, модел Јана Бурчевска

Манекенскиот брачен пар Мики и Светлана Црнокрак ги презентираа моделите на Тивес, односно Елизабет Дизајн, а во делот за младоженците уникатен костум од Сињори презентираше спортистот Дарко Спејко.

Ателје „Елизабет Дизајн“, модел Светлана Црнокрак

Тивес, модел Мики Црнокрак

Сињори, модел Дарко Спејко

Drama Bridal, модел Рената Кралевска

Ателје „Лебед“. модел Маја Поцевска

Matra Bridal, модел Јована Стојменовиќ

Нена Конели, модел Викторија Лоба

Покрај ателјеата и модни брендови за венчаници и костуми, викендов во рамките на овој саем излагачи се и голем број на студија за организација на венчавки и свечености, за изработка на сите детали за комплетирање на тематска свеченост, фото студија, ресторани, односно сите оние компоненти неопходни за заокружување на една целосна свадбена церемонија.

И годинава помеѓу изложувачите на саемот е студиото„ Fancy Marriage".
„Fancy Marriage оваа година има новитети од стилот на различни позадини, бајковити приказни со текст што е малку поразлично и поинтересно за младите. Имаме продукција со која почнуваме со live streaming, сликање и фотографирање на свадби. Повторно имаме vintage, романтичен стил што се уште го бараат младите и оваа година. Новитет на Fancy Marriage е и fancy flower box каде се аранжираат различни типови на цвеќе, но претежно се тоа рози. Секоја невеста има замислено нешто што сака да се оствари. Во однос на боите повторно се оди на оние топли, природни бои...", изјави за Fashionel сопственичката Елена Крстевска.

За прв пат оваа година својот рачно изработен накит во рамките на саемот го изложува Анита Русевска.
„Прв пат оваа година Русевска дизајн во склоп на штандот на Мила Кадриу го изложува својот накит, една скромна мини колекција. Невестите најмногу сакаат венчиња и обетки, а ѓердани и не толку многу. Сега особено ги бараат кристалните венчиња, додека везените малку како да ги тргнаа на страна, можеби се презаситија од нив. Многу сакам кога некоја невеста ќе експериментира, кога ќе побара нешто похрабро, тоа секако ми е поголем предизвик", вели Анита.

Она што покрај венчаниците, доминира на саемот, се секако цвеќињата.
„Втора година по ред изложувам, оваа година за разлика од лани, трендовите се малку понежни, пософистицирани, повеќе бараат тантела и елегантни материјали. Што се однесува до боите, најмногу ја бараат тиркизната, петролеј боја и кајсија и розова. Тие се нови бои оваа година. Ние нудиме комплетна декорација почнувајќи од изработка на китенки, бонбони, покани, бидермаери, декорација на сала, изнајмување навлаки и се останато. Нормално, секогаш работиме заедно со младите, едно е она што ние го имаме, а друго е она што тие го бараат. Сите ги сакаат оние мали детали, ситните работи, инаку во глобала речиси исти се барањата како и минатата година", изјави Лила Матлиевска од цвеќарницата „Грација".

За сите оние кои веќе ја планираат својата венчавка, Саемот на венчавки е идеална прилика сите детали поврзани со церемонијата да ги најдат на едно место. Во сабота и недела саемот е отворен од 9 до 21 часот, а влезницата е 60 денари.

 

Објавено:
12 март 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.311 пати