„Некс Тајм“ со уште една филмска приказна за „Кога падна на Пирина“

14 април 2022

Во преполната сала на „Кино Милениум“,после подолга пауза, вчеравечер дуото „Некст Тајм“ ја промовираше обработката на народната песна „Кога падна на Пирина“ и видео-записот за истата.

Честа прва да ја поздрави публиката и да ја воведе во приказната која имаа вчера можност премиерно да ја погледнат, ја имаше водителката Ели Танасковска.

„Се сеќавам на првото интервју на Мартин и Стефан во рамките на емисијата „Добро утро, добар ден“ кога имаа само 10 години и кога веројатно не претпоставуваа дека ќе прераснат во музичари со европска слава“, ја започна Танасковска приказната за нивното познанство.

Таа на сцената се појави во модел на модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА, со која соработува долги години наназад. Се работи за фустан од нивната најнова пролетна колекција, со впечатлив дезен, кој одлично ѝ прилегаше, па со изгледот придонесе уште повеќе за свечениот тон на промоцијата, за која сите протагонисти од проектот беа мошне возбудени.

После две години работа, Мартин и Стефан Филиповски конечно го претставија проектот пред публиката.

„Долго време го осмислувавме и реализиравме проектот. Чувствуваме голема возбуда, но и олеснување, што конечно имате можност да го видите. Се надеваме дека ќе ви разбуди емоции и дека ќе ве направиме горди“, изјавија браќата.

Спотот е работен на повеќе локации низ Македонија - Пониква, Кајмакчалан, Битола, Крушево..., под режисерката палка на Огнен Шапковски. Во главните улоги се актерот Ненад Нацев како Јане Сандански и моделот Ана Калачовска.

Кога е музичкиот дел во прашање, аранжамнот е на Николче Мицевски, а повеќе за комплетната реализација присутните дознаа и од документарниот приказ кој му претходеше на спотот.

Во истиот Мартин и Стефан најавија дека со „Кога падна на Пирина“ го заокружуваат проектот кој започна во 2014 година.

„Ова ќе биде последниот проект од ваков тип. Започнавме со „Ја излези Ѓурѓо“, во 2014 година, а потоа продолживме со „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам бабо“ „Јовка Кумановка“ и сега „Кога падна Пирина“. Ги одбравме овие песни кои и нам ни се блиски, но со целиот проект, кој го работевме со душа и срце, сакавме да дадеме искрен придонес посебно за идните генерации и за македонската традиција“ - изјави дуото.

Во продолжение погледнете го видео записот:

 

Објавено:
14 април 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
745 пати