Новиот театар Фабрика отворен со претставата „Вејка на Ветрот“

13 октомври 2013

Синоќа во зградата на Драмскиот Театар имаше две убави причини за славење. Првата е премиерата на младата режисерка Ирена Стеријовска „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, а втората формирањето на новиот независен театар „Фабрика“.

Во претставата главните улоги им се препишуваат на четворица актери кои веќе успешно „пливаат“ на штиците што живот значат и тоа Драгана Левенска, Кристина Ласовска, Атанас Атанасовски и Рубенс Муратовски. Сценографијата е на Стефан Спировски, а  интересните и мултифункционални костими се дело на Ана Кркулевска, што нас како моден портал особено не интересирашеи овој сегмент од приказната.

„Костимографијата е концептуално решена, во договор со  сценографот и режисерот. Целосната костимографија е во служба на претставата со тоа што секој костимите е монтажен, а тоа значи дека секое парче од костимот има своја намена и функција. Инспиративниот момент во поглед на дезенот и формата е од 50-тите години.  Женските костими ги направив сама, а машките ги стилизиравме со помош на „гардероберот“ од  Драмскиот Театар, вели костимографката Ана Кркулевска.

„ Инспирациата за костимите е од 50-тите години затоа што според режисеркиот концепт сметав дека треба да се создаде една епохална слика на 50-тите, и баш со една таква естетика да се каже денешното мислење. Сметам дека е една убава контра затоа што тогаш не многу имале избор, бидејќи информациите не биле достапни како што се денес. Сакам да кажам дека денес ги имаме сите можности што тогаш сме ги немале. Сума сумарум е дека естетиката на претставата треба да биде контра од она што сакаме да го кажеме“ додава Стеријовска.

„Вејка на ветрот“ го носи статусот на прва современа македонска драма. Таа е приказна која се занимава со оттуѓеноста како принцип, со борбата помеѓу илузијата за среќа и неможноста да се дофати истата. Повеќеслојноста на оваа приказна дозволува различни интерпретации, отвора низа прашања како за човековата природа така и за извесни општествени феномени во Македонија од почетокот и средината на дваесеттиот век па се до денес. Вечната потрага за подобар живот „таму некаде надвор“ е приказна што како наследство се провлекува низ генерациите како некој вид космичко верување за среќа или барем нешто што потсетува на среќа.

„ Тоа што за жал се наоѓаме во некоја дупка на големи македонски драматуршки имиња мислам дека сега е највистинскиот момент да се создаде некое ново современо читање на една антологиска моќна пиеса како „Вејка на ветрот“. Навистина сум задоволна што ја имав честа да работам толку добро напишан текст. Кога ги бирам сценаријата кои ќе ги работам пресудна е визијата, секој режисер има моќ, ако е добар се разбира да си створи слика, бидејќи ние создаваме, конструираме светови, како еден вид на архитекти. Создавајќи го тој нов свет ние мора да го обмислиме на начин на кој тој ќе има некаква поента, зошто го работиш тој текст, да има некаква причина зошто е тоа така, зошто нашата задача не е само да раскажеш приказна туку да најдеме начин и да кажеме зошто ја раскажуваме. Текст кој со задоволство би сакала да го работам е Магбет од Вилијам Шекспир“ изјави режисерката Ирена.

Коле Чашуле во оваа маестрално напишана пиеса го демистифицира „Американскиот сон“, прецизно ја слика клаустрофобијата на духот во големата Америка, хроничен недостаток на љубов во богатото општество кое го нуди она „се“ за кое сонуваме.

„ Прво да кажам дека со огромна чест да работам на толку добро напишан текст и со толку добар режисер како Ирена.Исто така за мене како млад актер ми беше огромнбо задоволство да работам со Кики, Рубенс и Атанас кои постојано ми помагаа и како завршување на моите студии и ова за мене е почеток.  Инаку ја играм улогата на собарката Мејбел улога која е сосем различна и од мене и од самиот концепт, таа нема никаков однос со никого, единственото нешто кое неа ја интересира се само доларите. Таа е тука за да си ја каже својата приказна, својата намена, да си земе што повеќе пари и да си оди. Таа е површински лик без многу тежина на себе. Сите имаат некаков животен товар, само таа нема своја тежина“ рече актерката Драгана Левенска.

„Вејка на ветрот“ е симбол за промашен живот, живот кој завршува неоставајќи трага, кој остава само празно место за да започне уште еден таков едвај живеен живот. Денес таа условна детерминираност на судбината на македонскиот човек е покомплексна проблематика. Денес безмалку хамлетовски се поставуваб прашањето да се оди или не? Денес вистинската борба е за живот незалудно живеен со оставени траги и здраво наследство.

„ Го играм главниот лик Магда која има тотално утнат живот на која и се поставува едно суштинско прашање, дали да се замине од Македонија или да се остане, ние го поставуваме прашањето, а го кажуваме и нашиот став па публиката ќе си одлучи“ скромно се изјасни Ласоска.

Вториот повод како што веќе напоменавме е формирањето на новиот независен театар „Фабрика“. Театар „Фабрика е формиран од млада група автори водени од заедничката потреба да се креира, работи, промовира и живее театар. „Фабрика“ е лабораторија со независен слободен прсотор за изтражување и создавање на нови театарски форми. Во новиот уметнички концепт наречен театар „Фабрика“  мисија на сите кои се дел од приказната ќе биде да создаваат подобри светови, да „раѓаат“ ликови, да скицираат постабилни општествени и индивидуални постулати, што впрочем ја нагласува и универзалната функција на театарот како принцип.

Непресушната страст за откривање на нови светови и желбата за летање во театарскиот бескрај е како  што се изјаснија домаќините нивниот порив, длабок и искрен, кој ги обедини оваа независна институција театар „Фабрика “.

Им посакуваме среќа на овие млади автори и уметници кои решиле да создаваат нови креативни инсталации за да ја збогатат нашата театарска култура.

 

 

Објавено:
13 октомври 2013
Категорија: 
Актуел