Договорот кој го имаа претставниците на модната недела и градот Њујорк официјално истекува, па за последен пат ревиите ќе бидат претставени во рамките на Линколн центарот. Претставниците не успеаа да ја продолжат соработката, која ќе им овозможеше локација за модните шоуа до 2020 година.
Според информациите кои ги објави The New York Post неодговорноста на организаторите во однос на градината и окупирањето на јавниот простор околу Линколн центарот, биле доволна причина за да се прекине соработката, а со тоа вработените во центарот ја изгубија привилегијата за користење на јавниот простор, кој ќе се врати во сопственост на заедницата.
Иако дел од дизајнерите, како што се Мајкл Корс, Дијан вон Фурстенберг и Џереми Скот минатите колекции ги прикажаа на различни локации, сепак останатите ревии најчесто се одржуваа во Линкол центарот, токму поради добрите услови кои ги нуди. Организаторите на модната недела во Њујорк, најавија спектакуларно шоу за февруари и дека потоа ќе откријат детали за новата локација, која од наредната сезона, ќе биде домаќин на голем број модни куќи.