Модната недела во Њујорк е во тек, а распоредот изминатиов викенд беше навистина густ. Сепак, ние ги одвоивме оние на Викторија Бекам и Александар Ванг.

Бекам својата колекција ја најави уште денови претходно, појавувајќи се во јавноста токму во креации што ги видовме на писта. Доследна на својата естетика, таа понуди парчиња што ја слават женската форма, но со акцент дека преку облеката сакала да потенцира дека жените треба сериозно да се сфатат.

-Се инспирирав од она што се случува во светот во моментов. Затоа, овој пат не се работеше за тоа само да ги презентирам парчињата. Со оваа ревија сакам да им понудам на жените убава облека... Вистината е, дека никогаш не постоело подобро време од особена значајност за зајакнувањето на жените и нивната моќ – ќе каже Бекам.

Посебно внимавала на кроевите, па затоа ќе каже дека ова е и „навистина британска колекција, но со глобален изглед“, потенцирајќи дека е наменета за сите жени ширум светот.

Затоа, покрај вметнувањето на интензивни бои во „пригушената“ палета бои, таа прави комбинации за кои вели и самата не ги носела.

-Никогаш не сум комбинирала здолниште со блејзер, а тоа е една од најзастапените комбинации сега. Секогаш треба да бидеме отворени да пробуваме нови нешта – смета Бекам.

Покрај тоа, таа нуди одела со строг крој (британското влијание), потоа креации од плетенини што ја следат линијата на телото (женственоста), наспроти широките, лежерни комбинации (удобноста), што секогаш можеме да ги очекуваме од неа.

Така, Викторија Бекам одлучи за есен-зима 2017/18 во прв план да го стави интелектот на жената, пропратен со сведен, а сепак привлечен изглед.

Од друга страна, Александар Ванг презентираше колекција инспирирана од 1980-тите, каде во прв план се провокативните креации и длабоките деколтеа. Тој овој пат одбра да ја презентира во андерграунд клуб, со електронска музика и пијалаци, за сите присутни да имаат впечаток дека се наоѓаат на забава.

Ванг оваа колекција си игра и со ткаенините, па јасно е видливо комбинирањето на мрежата, џинсот, плетенините, растегливите такенини, кожата... Речиси сите креации се црни, а дел од нив украсени со нитни и светкави камчиња, што се издвојуваат во темната атмосфера. Исто така, на пистата прошетаа манекенки во тесни панталони, волуменозни палта, јакни, а сите комбинации беа комбинирани со кожени чизми до глуж на вртоглаво високи потпетици.

Дел од светските медиуми коментираа дека изборот на локација не бил најсоодветен, бидејќи не им било овозможено на сите поеднакво добро да ја проследат ревијата, како и тоа дека естетиката на оваа есенска колекција потсетува многу на нешто што „Версаче“ или уште повеќе „Версаче Версус“ би го правеле.

Но, она што не може да се негира е дека дел од парчињата сигурно ќе се најдат меѓу трендовските за споменатата сезона, особено типуваме на комбинезоните и палтата.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
614 пати