Од Венеција со љубов: Модна магија на црвениот тепих

1 септември 2022

Вчеравечер официјално беше отворено 79-то издание на престижниот Венециски филмски фестивал, воедно и најстар во својот ранг.

Возбудливата филмска програма, големите филмски ѕвезди и фантастичната мода, низ годините го изградија неговото реноме издвојувајќи го како еден од најзначајните.

Годинава на чело на жирито во официјалната селекција е оскаровката Џулијан Мур, наградата за животно дело ќе ѝ биде врачена на Кетрин Денев, а во трката за „Златен лав" за најдобар филм ќе се натпреваруваат 23 остварувања.

Филмската програма вчера беше отворена со хорор-комедијата „White noise" со Адам Драјвер во главната улога.

Македонски филм на Венецискиот филмски фестивал по две децении

„Најсреќниот човек на светот" на Теона Стругар Митевска ќе има светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, со што воедно ова е прв македонски филм кој се прикажува во Венеција по две децении, по „Судијата" на Жанета Вангели во 2002-ра и 28 години по блесокот на Милчо Манчевски со „Пред дождот" кој го освои „Златниот лав".

Филмот на Стругар Митевска е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска, а ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти. Премиерно ќе биде прикажан в петок. После Венеција, „Најсреќниот човек на светот" ќе има своја проекција и на филмскиот фестивал во Торонто.

Модна магија на црвениот тепих

Гламурот има посебна интерпретација на црвениот тепих на Ванецискиот филмски фестивал. Секогаш важел за патека на која модата е грациозна, но доволно смела да ги надмине рамките на клишето и да понуди вистинска магија која фестивалските денови и ноќи ги носи во една надземска димензија. Модно дефиле кое го задржа својот дигнитет, без да му биде осиромашена имагинацијата.

Џулијан Мур уште дента пред официјалното отворање на црвениот килим, најави возбудлива модна лепеза во фустан со полка точки. Вечерта, се трансформираше во стилска дива и во креација од Валентино го интерпретираше трендот кој беше најдоминантен на црвениот тепих вечерта – наметките.

Во изглед што беше акцентиран со наметка, продефилираа и Алесандра Амбросио, Мелани Лоран и Изабели Фонтана.

На првата вечер видовме стилска различност, што секако му годи и го прави уште повозбудлив модниот сегмент на фестивалот. Елегантните макси тоалети беа во предност, но не недостасуваше и онаа доза на ексцентричност, која му дава карактер и „оправдување" по кое ќе биде запаментен.

Во филмската, а воедно и модна магија на Венеција ќе уживаме до 10-ти септември.

Фото: Vogue/Getty images

 

Објавено:
1 септември 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
892 пати