Bloglovin’ наградите ќе се одржат на 7. Септември во Њујорк, а сите обожаватели на светските блогери, гласот за најдобрите можат да го дадат до 5 – ти месецов.
Во годинешните категории се вклучени: Најдобар личен стилски блог, Најдобар стрит стајл блог, Најдобар блог за убавина, Најдобар машки стилски блог, Најдобар блог за модни вести, Најдобар блог на позната ѕвезда, Најдобар лајфстајл блог, Најдобар блог по содржини, Најдобар блог на бренд, Најдобар блог според фотографии, Најдобар блог на ново лице и секако, Најдобар блогер за изминатата година.
„Нашите награди се доделуваат на најдобрите светски модни блогери во моментов. Ние сме горди што можеме да ви прикажеме дел од содржините на блоговите на некои од најкреативните луѓе во светот, сопственици на брендови, што тие секојдневно ги споделуваат со нивните обожаватели. Исто така, многу ми е мило што како платформа можеме барем малку да им помогнеме на сите тие прекрасни млади претприемачи“, вели Џој Маркус, извршен директор на платформата Bloglovin’.
Оваа година, меѓу финалистите се најдоа прекрасната Оливиа Палермо, Коко Роша, Лорен Конрад и Гвинет Палтроу во категоријата „Најдобар блог на позната ѕвезда“, додека во категоријата “Најдобар блог според фотографии“ како финалисти се најдоа неповторливата Гери Пепер, блогот Kayture на Кристина Базан, Shine By Three, Sea of shoes и Fashion Toast.
На следниов линк погледнете ги сите финалисти од различните категории и гласајте за вашите омилени, ние веќе го направивме тоа!