Џоан Александра Росенберг или попозната како Џоан Риверс почина на 81-годишна возраст во приватна болница во Њујорк. Иако нејзината здравствена состојба беше прилично влошена по операцијата на гласните жици, сите го очекуваа нејзиното опоравување. На жалост таа замина со легендите, иако за себе велеше дека ќе живее до 100 години и до последно ќе се шегува на сопствена сметка. Денес медиумите се преплавени за веста за смртта на актерката, водителка, продуцент и стендап комичар, која зад себе остави богата кариера и ѕвезда од булеварот на славните.
Пред една недела таа беше хоспитализирана и нејзината постоперативна состојба не се подобруваше. Лекарите сметаа дека Риверс ќе биде подолго во кома или ќе остане „билка“, но прогнозите завршија спротивно. Мелиса Риверс, единствената ќерка на комичарката во изваја за медиумите соопишти:
-Мајка ми почина мирно опкружена со семејството и најблиските пријатели. Јас и мојот син сакаме да им се заблагодариме на лекарите, сестрите и целиот персонал на болницата за прекрасната грижа што и ја пружија на мојата мајка. Добиваме сочувство од сите страни на светот и сум длабоко благодарна за тоа. Мојата мајка најмногу од се сакаше да ги засмејува луѓето, секако тоа сега е некако невозможно, но знам дека таа ќе посакаше набрзо пак да се смееме, таа живееше за тоа, изјавува Мелиса.
Инаку, Џоан Риверс на телевизиските екрани прв пат се појави во 1965 година на полноќно шоу кај Џони Карсон, кој воедно беше и нејзин ментор. Таа го изгради своето име пред пошироката публика со уникатните шеги што ги кажуваше без влакна на јазикот, но најпопуларна остана по емисијата „Модна полиција“ на каналот Е, каде на најостар начин ги критикуваше изгледите на славните.
Покрај критиките, во Холивуд беше позната и по естетските зафати кои ги правеше на своето лице, а наводно во својот живот на лицето има 743 хирушки зафати. Во 1994 година на Тони наградите беше номинирана за најдобра актерка за улогата на Сали Мар. Исто така во текот на животот Џоан издаде 12 комични публикации. Кога станува збор за приватниот живот, се мажеше двапати, а од вториот брак ја има ќерката Мелиса. Последниот поздрав со Џоан Риверс ќе се случи во недела кога ќе биде погребана.