Погледнете ја Меделин на модната недела во Њујорк

15 септември 2015

Светската јавност веќе со месеци ја следи малата Меделин Стјуарт, која има Даунов синдром, но им покажа на сите дека тоа не треба да е пречка кон остварување на соништата. Сите беа восхитени од тоа дека австралијанката Меделин ќе зачекори на пистата за време на модната недела во Њујорк, и ќе си ја оствари желбата да стане познат модел, што и се случи.

На групната ревија на дизајнери, што се одржа викендов. Таа се појави во бела долга тоалета и во спортска варијанта, со маица на која на грбот пишува „I am NYFW“. Во придружба на двајца згодни манекени, таа сигурно зачекори на пистата.

После целосното доживување Меди изјави: „Беше забавно, се чувствував многу добро“.

И нејзината мајка Росан не можеше да ја сокрие возбудата: „Одлична беше! Навистина сум горда! Многу е слатка, нели?“.

Инаку, како и сите други, Меделин и Росан се појавија зад сцената точно во 9 часот наутро, кога и започнаа пробите, по што следеа интервјуата, па средување на косата и шминката. Како пренесуваат странските медиуми, час пред почетокот на шоуто, 18-годишната Стјуарт почувствувала притисок. Од бројните камери и гужвата, Меделин не успеала да си сокрие солзите, но нејзината мајка бргу и успешно реагирала.

-Таа е добро, само возбудена. Не спиеше цела ноќ. Сè е во ред, само има премногу камери, а кога се чувствува премногу возбудено и обземено од различни чувства, тогаш настапувам јас заштитнички – вели Росин, која беше сместена во првиот ред, во случај да треба да помогне.

На првото појавување на писта, Меделин изгледаше како професионалец. После 28-часовниот пат од Австралија и 12 часа активна подготовка за нејзиното деби, Меди на крајот призна дека само сака да спие. И заслужено.

Кој ќе биде нејзиниот следен ангажман и каде, останува да видиме. За потсетување, таа досега имаше неколку рекламни кампањи за спортска облека, како и за чанти, инспирирани и именувани од неа.

Објавено:
15 септември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.554 пати