Популарниот „Project Runway“ или „Проект Писта“ наскоро ќе има и свое европско издание. После успехот кој го постигна во Америка, талент шоуто, овојпат пристигнува и во Италија. Од 26 февруари ќе се емитува на каналот Fox Life во десет продолженија, каде ќе се натпреваруваат 12 млади дизајнери презентирајќи ја својата професионална работа и дизајенрски стил.
Од вкупно 3000 пријавени стилисти, во потесниот круг влегоа само 12 и со тоа станаа официјално учесници во италијанскиот Проект Писта. Првата епизода од ова мегапопуларно шоу ќе стартува на 26 февруари на каналот Fox Life, а ќе може да го гледаме секоја среда во 21.00 часот.
Дванаесетте одбрани дизајнери имаат простор од десет епизоди за да ја покажат својата креативност и модна имагинација и умешност. Секоја недела, со лимитиран буџет и во одредени временски рокови, натпреварувачите мора да дизајнираат креација на зададената тема, која подоцна ќе биде оценувана од страна на жирито кое ќе ја процени нивната работа, техники и креативност. Дизајнерот кој ќе презентира модел кој нема да одговара на зададената тема, ќе мора веднаш да го напушти шоуто, додека оној кој ќе го презентира најдобриот дизајн автоматски добива имунитет за следниот предизвик. Во финалето ќе имаат можност да учествуваат само тројца финалисти и ќе мораат да се соочат со предизвикот на изработка на цела колекција. Победникот, добива едногодишен договор во креативната канцеларија на Трусарди, неговите највпечатливи дизајни ќе бидат објавени во месечниот италијански магазин Marie Claire и посета на Њујорк за време на модната недела во септември, како и ексклузивен пристап зад сцената на дел од најважните модни ревии.
Судиите или жирито кое ќе ја оценуваат работата на младите таленти е во состав на: познатиот модел Ева Херцигова, која ќе има двојна улога на судија и презентер, Алберта Ферети, кое е едно од најважните имиња на италијанската мода во светот и Томазо Трусарди, млад претприемач кој е на чело на една од најпрестижните италијански модни куќи. Илдо Дамиано, моден уредник и професор по мода ќе ја игра улогата на „ментор“ кој ќе ги придружува и води 12-те дизајнери во текот на натпреварувањето.