Празнични изненадувања: Елена Пандева ги додели првите подароци!

23 декември 2016

Во рамки на акцијата #Еленаподарува денеска беа доделени и првите подароци на супер дружба во салонот на модната куќа Елена Лука.

Токму таму, седумте добитнички на вредните награди се дружеа со генералниот менаџер на Елена Лука, Елена Пандева која лично им ги додели подароците.

Секоја од нив посочи дека иницијативата што ја започнала Елена Пандева треба да ја следат и сите останати кои за време на празниците можат вистински да израдуваат некого.

Девојките се меѓу првите добитнички на вредните подароци што ги доделува Елена, меѓу кои и уникатни високи потпетици и чизми.

Таа ќе каже дека идејата постои неколку години наназад, но и дека сега бил вистинскиот момент да се започне со нејзина реализација.

„Идејата постои веќе три-четири години наназад. Во мојот плакар имам голем број парчиња облека или обувки што не се облечени или само еднаш. Навистина одамна сакав да ја реализирам идејата, но не знааев како да го направам тоа, а искрено недостасуваше и време. Иако практикувам кога подарувам, тоа никој да не го знаe или носам на места каде што и претходно сум донирала, сепак бидејќи се работи за мои лични работи што ми се драги, за што ме врзува одредена приказна, мислев дека е добро да пријдеме кон пошироката маса. Одлучивме дека е најдобро тоа да го сториме на начин што ќе пуштиме акција на социјалните мрежи, да се приближиме кон жените што би сакале да носат мое парче облека. Така, направивме акција која функционира и конечно се реализира“, вели Елена Пандева.

Видно расположени и среќни, девојките со цело срце ја поздравија идејата и посочија дека токму ова е тоа што им треба за време на празниците.

„Воодушевена сум од иницијативата на Елена Лука, затоа што реално, во ова тешко време во кое живееме сите, многу е ретко некој да подарува на ваков начин и тоа толку убави и квалитетни работи. Го поздравувам нејзиниот хуман гест, а сум читала дека и претходно имала бројни хумани инцијативи. Јас ги добив златните чевли во кои ќе се чувствувам како Пепелашка“, вели Александра Георгиев која е една од добитничките.

Таа победи благодарение на нејзиниот интересен коментар под објавата дека и двете бремености ги поминала со потпетици од 12 сантиметри, бидејќи така се чувствувала згодна.

„Сметам дека ваквите иницијативи треба да прераснат во традиција и би било убаво и другите дизајнери да направат вакво нешто. Дури и не само дизајнери, туку секој што може, треба да научи и да го применува ова од Елена“, вели Александра.

Со тоа се согласува и другата добитничка Александра Филиповска која потенцира дека целата акција е прекрасна.

„Иницијативата е прекрасна и навистина е за поздрав, особено бидејќи е од срце. Би било убаво да прерасне и во традиција, затоа што е многу убав гест, особено бидејќи жените за себе мислат последни. Секогаш прво се мисли на децата, на партнерот..., затоа вреди да продолжи понатаму. Јас добив сребрени обувки, на кои многу им се израдував, бидејќи навистина си ги посакував. Инаку, љубител сум на чевли и секогаш има место за уште едни, нели? Планирам да ги искористам и за овие празнични забави. Сметам дека се универзални, одлично ќе одговараат со црна комбинација, или некои други што допрва ќе ги осмислам“, вели Александра.

Сосема на крај, сите добитнички на подароците си посакаа среќни празници, а на сите останати да се опуштат, да уживаат во празниците, да си бидат свои и да се радуваат на заедничките мигови со своите најблиски.

Елена Пандева ја повтори нејзината желба и порака за нашите читатели, посакувајќи љубов пред сѐ.

„Таа може да победи секое зло, секаква негативна енергија. Во 2017 година да се сакаме повеќе, да си веруваме едни на други, заеднички да се бориме и во добро и во лошо, да ја делиме и радоста и тагата. Ви посакувам среќна Нова година, да бидеме во контакт, да сме живи и здрави и понатаму да правиме убави нешта“.

Акцијата #Elenapodaruva продолжува и понатаму секојдневно на социјалните мрежи со разни и уникатни подароци, а многу наскоро ќе се случи и уште една ваква весела и пријатна дружба.

Објавено:
23 декември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.587 пати