Според вообичаениот протокол и обичај, на денешниот погреб на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија, принцезата од Велс, Кејт Мидлтон и војвотката од Сасекс, Меган Маркл, беа целосно облечени во црни креации кои ги споија со сентиментален бисерен накит.
За кралското семејство, бисерите имаат посебна симболика и како обичај за искажување жалост за првпат биле искористени во ерата на кралицата Викторија, која во црна кобинација ги носела по смртта на нејзиниот сопруг, принцот Алберт. Се смета дека бисерите претставуваат чистота, но и солзи, а британското кралско семејство ја продолжи традицијата.
Следејќи ја таа традиција, Кејт се појави во црн капут од Александар Меквин, кој го спои со црна капа со мрежест превез и јапонскиот бисер на кралицата, кој се состои од четири низи споени со дијамантски детаљ.
Бисерите, кои се всушност подарок од јапонската влада, кралицата ги претворила во ѓердан. Кралицата го носеше чокерот за прв пат на почетокот на 1980-тите, а подоцна ѝ го позајми на принцезата Дијана во 1982 година за државна посета на Холандија. Мидлтон пак, го облече чокерот за прв пат во 2017 година на вечерата на 70-годишнината од бракот на кралицата и принцот Филип.
Меган Маркл пристигна облечена во црн фустан со наметка од Стела Мекартни, кој го спои со шапка на Стивен Џонс. Бисерните обетки кои ги носеше Меган се подарок од кралицата откако Маркл се омажи за принцот Хари во 2018 година.
Подоцна во текот на денот, Мидлтон и Маркл ќе заминат во капелата Свети Џорџ на приватна семејна служба во замокот Виндзор, каде што ќе биде погребана кралицата.
Принцезата и војвотката, чии односи беа заладени во текот на последните две години, за првпат беа повторно видени во јавност во замокот Виндзор на 10 септември.