Модниот свет вчера го „потресоа“ две големи и може да речеме и неочекувани вести - италијанското и француското издание на „Вог“ имаат нови уреднички.
Досега на чело на „Вог Париз“ беше Емануеле Алт и тоа повеќе од две децении. Важеше за жена која е олицетворение на францускиот шик и една од ѕвездите на секое издание на Модната недела во Париз ако се фокусираме на уличната мода.
На нејзино место доаѓа Јужине Трошу. Таа за „Conde Nast“ работи веќе една деценија, а нејзините почетоци се врзуваат за стажирање во американското издание на „Вог“. После тоа се приклучува кон француското издание, а нејзините последни ангажмани вклучуваат уредување на рубриките за трендови и пазарот за дигиталното издание.
Од друга страна, во италијанскиот „Вог“ новата уредничка е Франческа Рагаци, која исто како и нејзината француска колешка од почетокот на кариерата работи во издавачкиот центар „Conde Nast“. Нејзините први ангажмани се во италијанскиот Вог каде стажира, а потоа се преселува во Њујорк и во американското издание работи како уредничка на содржината за случувањата на италијанскиот и францускиот пазар.
Претходно уредник беше Емануел Фаренти кој дојде на таа позиција во 2017 година, после смртта на легендарната уредничка Франка Созани.
Овие новитети се дел од големите промени кои медиумската куќа ги спроведува. Имено, планот е уредниците од „старата школа“ да ги заменат со млади жени кои кариерите ги граделе кога дигиталната ера веќе била мошне актуелна.
Промените почнаа уште кон почетокот на годинава кога на чело на кинескиот „Вог“ дојде Маргарет Занг која има 28 години и е најмладата уредничка на „Вог“ некогаш. Таа ја добила работата поради интернационалното модно искуство во стајлинг, фотографија, манекенство, креативната дирекција, но и личен стил и милионска публика на Инстаграм.
Новитет е и појавувањето на скандинавското издание на „Вог“, сосема поинакво од останатите.
Овие промени го предизвикуваат и шушкањето во модните кругови околу позицијата на Ана Винтур која повеќе од 30 години е на чело на модната библија или сепак таа е институција која ги диктира промените, но не учествува во нив?
Но, имајќи ја предвид нејзината позиција не само во „Вог“ туку и во американскиот јавен живот, до промени нема да дојде, барем не наскоро.