Првото издание на скандинавски „Вог“ го краси Грета Tунберг

10 август 2021

И Скандинавците добија свое печатено издание на „Вог“. Првиот број беше претставен завчера, а на насловната страна е Грета Тунгерг - би рекле очекувано.

Фотографиите што ја следат нејзината приказна се фантастични и може да се рече дека успеаја да го привлечат вниманието на јавноста сосема достојно.

Грета своите активистички подвизи ги започна пред три години, а веќе три пати е номинирана за Нобелова награда за мир.

Сепак, на крајот на интервјуто ќе изјави: „Секако, постои мал факт дека јас сум се' уште недоволно едуцирана тинејџерка“.

Без разлика дали ќе се согласите со нејзината констатација или не, Грета успеа да биде совршена соговорничка на Тим Патинсон кој го реализираше ова интервју. Бајковитите фотографии пак се на дуото Александров- Клум.

Таа не го криела уживањето додека се создавал едиторијалот, бидејќи е голема обожавателка на коњи и за нив знае речиси се'!

Кога е интервјуто во прашање, разговорот оди во насока на нејзините активистички дејствувања - почнувајќи со школото „Strike for Climate“ каде со недели седеше на скалите на парламентот со транспаренти преку кои ја повикуваше владата да преземе конкретни решенија за климатските промени. 

„Во една секунда сум контролирана од родителите и не можам да размислувам со своја галва, а веќе следната секунда сум злобно манипулаторско мало дете. Тие теории не се совпаѓаат, но токму во тоа е и забавата“, вели Грета за тоа како ја доживуваат другите.

Низ разговорот секако главна тема беа климатските промени.

 

„Својата улога ја доживувам како мал дел од едно многу поголемо движење во кое сите сме подеднакво важни. Некои можеби ме доживуваат како лидери, други како заштитно лице на ова движење, но тоа е далеку од вистината, затоа што се' уште сме мало, локално движење“, вели таа.

Но, освен климатските промени, тема во интервјуто беше и брзата мода. Грета вели дека разбира дека за кои личности модата игра голема улога во личното изразување, како и дека е дел од нивниот идентитет. Сепак, со самото тоа што купуваме многу облека, ѝ помагаме на таа индустрија и поттикнуваме уште поголемо производство. 

Инаку, Грета на интервјуто се појавува во памучна маица на риги и хеланки со леопард принт, кои Грета рачно ги направила, со што и ќе се пофали, додавајќи дека последната работа која ја купила било парче облека од second-hand продавница и тоа пред 3 години. Во слободно време и плете, реди слагалици и сака да ја гледа серијата „Пријатели“.

 

Како девојче со Аспергеров синдром, кој припаѓа на аутистичниот спектар, вели дека луѓето со аутизам имаат многу емпатија кон другите луѓе и дека светот го гледаат онаков каков што е, така што многу им е полесно да видат дека не живееме самоодржлив живот и дека нешто не е во ред.

Инаку, уште поинтересно е што фотографиите и разговорот се направени преку зум-повик, од домот на фотографот во Шпанија, а потоа се доработени ефекти за да се постигне посакуваната фото-приказна.

 

 

фото:@voguescandinavia;

Објавено:
10 август 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
430 пати