Њујоркшкиот моден дизајнер Ралф Лорен ја освојува Јужна Калифорнија со својата прва модна ревија на Западниот Брег, во чии рамки ќе ги прикаже своите машки и женски колекции за пролет 2023 година.
Иако ова е прв пат за дизајнерот да се претстави со модна ревија во тој регион, Западот имал големо влијание врз иконографијата на неговиот бренд низ годините.
И покрај тоа што деталите не се откриени, засега е познато дека оваа ревија ќе биде „посебно модно искуство што ќе биде типично за Ралф Лорен".
Последната ревија на Рафл Лорен се случи по тригодишна пауза, во март годинава кога ја трансформираше галеријата во Музејот на модерна уметност во елегантна реплика на неговиот стан на Петтата авенија. За време на малата интимна ревија, гостите меѓу кои се појавија Џиџи и Бела Хадид, Шалом Харлоу, Тајсон Бекфорд, Џесика Честејн, Ангус Клауд, Џереми Стронг, Жанел Монае и многу други, уживаа во спектакуларно шоу и коктел забава.
Ралф Лорен следи голем број луксузни брендови кои организираа ревии во Јужна Калифорнија во последниве години, вклучувајќи ги Gucci, Louis Vuitton, Dior и Saint Laurent.
Лорен го облече својот дел од холивудските тешкаши, вклучувајќи ги Алиша Кис, Свиз Биц, Рајан Рејнолдс, Џеј Балвин и Џон Батист за овогодинешната Мет Гала, а се шпекулира дека ќе ја креира и венчаницата на Џенифер Лопез.