Европското првенство во фудбал започнува денеска, се одржува во Франција и ќе трае месец дена.
За љубителите на овој спорт ова е повеќе од фантастична вест и период, додека за оние другите сосема спротивно.
Но, без разлика на тоа колку ќе го следите првенството, тоа е многу повеќе од фудбал и игра.
Да се биде дел од ваков спортски настан е голема борба, на маркетинг агенции, на спортски брендови и генерално на брендови од различни области...
„Адидас“, „Пума“ и „Најк“ се најголемите бренд-ривали на ова првенство. Кој најмногу ќе профитира и какви им се маркетинг стратегиите, допрва ќе видиме.
Но, кога се во прашање официјалните појавувања на фудбалерите, тука во игра влегуваат и модните брендови.
„Марк и Спенсер“ уште пред речиси половина година ја објавија повторната соработката со англиската репрезентација и тоа со соодветна фото-сесија.
Морнарско-сините одела се искомбинирани со елече во истата боја, светслосини кошули, вратоврски со црвено-бели риги и со црни чевли. Амблемот на репрезентацијата е ставен на малиот џеб од сакото.
-Воодушевени сме што ќе го продолжиме нашето партнерство со „M&S“ , создавајќи, деветта успешна година за уште еден голем турнир. Овој бренд уште еднаш покажа голема внимателност при оформувањето на деталите и квалитетот на облеката во која тимот ќе се појави во Франција – изјавија тогаш од маркетинг тимот на репрезентацијата на Англија.
И тоа се оствари. Тимот на почетокот на неделава пристигна во Париз, а оделата што ги носеа се достапни да се купат и онлајн. Палтото и панталоните чинат по 199 фунти, елекот 65 фунти, кошулата 35 фунти, вратоврската 19.50 фунти и чевлите 85 фунти.
Италијанската репрезентација пак, за првенството ја подготви дизајнерот Ермано Скервино. Информацијата ја објавија уште во ноември 2015 година, при што не сакаа да објавуваат никакви дополнителни информации. Но, неодамна се појави фотографија и од италијанскиот тим во сосема црни одела.
Нивната соработка ќе продолжи и за Светскиот куп во Русија во 2018-тата година.
-Националниот тим е симбол на италијанскиот карактер низ светот и чест ми е што ме одбраа мене, бидејќи брендот и јас секогаш ги поддржуваме домашните производи. За нас е ова голем предизвик, што го прифативме со голем ентузијазам – изјави тогаш креативниот директор на брендот, Тони Скервино.
Инаку, ова е е прва „спортска“ соработка на брендот. Националниот тим на Русија во 2006 година за време на Зимските олимписки игри носеше креации со потпис на Ермано Скервино, како и националниот тим на Азербејџан за време на Олимписките игри во Лондон во 2012 година и Европските игри во Баку во 2015 година.