Саемот за Мебел што секоја година традиционално се одржува во градот кој што претставува колевка на модата Милано, својата слава и популарност ја уживаше изминатата недела. Трае цели седум дена и таа недела насекаде во светот е позната како недела на моден дизајн. Повеќе од 5000 изложувачи имаа можност да го презентираат својот моден раскош на различни локации како згради, магацини или галерии чиј декор беше специјално моделиран за потребите на изложувачите, па така сите имаа прилика на најдобар можен начин да ја претстават својата колекција.
Дел од најпознатите модни имиња се најдоа на списокот изложувачи како Емилио Пучи, Роберто Кавали, Џорџо Армани, Ермес, Луј Витон, Мисони, дел од нив ги почестија 300.000 посетители со организирање коктели, забави и дружби со цел воспоставување поблизок однос со самите купувачи, но и размена на искуства и ставови во поглед на работата.
Саемот понуди инвентивни облици и форми на декоративни уредувања што гравитираа со инспирациите. Минималистичките уредувања, контрираа со футуристичкиот дизајн, додека класичните модели беа збогатени со ретро и винтиџ дизајни. Понудата беше најразновидна и не вклучуваше само парчиња мебел, туку и декоративни елементи за украсување на домот, колкеции на очила за сонце, садови за јадење, тапети, обувки, осветлување, изложување на возила и велосипеди, визуелни декорации на излози на продавници како и реставрација на веќе постоечки предмети. Човековата фантазија немаше граници ниту кога беа боите во прашање. Спектарот на нијанси и плејадата на дизајнерски креации им дадоа навистина софистициран правец на просторите каде што можеа да се видат инсталациите.