Семејството како есенцијален фактор на едно општество ги раздвижи креативните енергии во модниот свет на Доменико Долче и Стефано Габана. Модната ревија за машката колекција која се одржа во склоп на машката модна недела во Милано го слави фамилијарниот портрет кој бил отсекогаш основна клетка во ДНК – то на 30 годишното постоење на Долче и Габана компанијата.
Семејството беше земено и како концепт, но и како икона. Семејниот портрет беше во центарот на шоуто и за целосно дизајнерите да ја оправдаат инспирацијата на писта наместо безлични реквизити, беа присутни вистински големи семејства, кои се и главните протагонисти на апликациите и сликите кои се испечатени на блузите и дуксерите кои ги носеа моделите.
Пред да почне ревијата, модниот онлајн сајт Swide.com, направи мала анкета зад сцената, а гостите и моделите како техничката екипа требаше да одговорат на прашањето: Што претставува семејството за нив? Многумина одговорија дека семејството за нив е извор на утеха, тивка утеха и емоционална топлина и љубов од луѓето кои се виновни за нивното постоење, кои ги пораснале и биле тука за нив и кога биле среќни, но и кога биле скршени.
Токму семејството како инспирација беше во фокусот на новата машка колекција за наредната зимска сезона 2015/16 на грандиозното дуо Долче и Габана. Семејството како обединувачки фактор што ги врзува сите мажи, жени, деца, па дури и животни во една целина, истото тоа семејство кое ја обедини и публиката на модната ревија, семејството кое ви налага и прави да се чувствувате како дел од нешто посебно.
Линијата за мажи на Долче и Габана e фокусирана на апликации со фотографии од семејствата кои што беа присутни на модната писта истата вечер кога беше одржана модната ревија, но и од семејства кои датираат од XIX –век.
Но постои, уште еден уште поважен аспект од семејниот портрет на Долче и Габана, кој зафаќа централно место во светската мода. 2015 е годината кога брендот слави 30 години постоење, што исто така испраќа сентиментална порака поврзана со историјата на брендот и неговите корени.
Токму овој факт – 30 години опстанок на модната сцена, всушност и даде живот на оваа машка колекција која сосема природно беше инспирирана од основата, од онаму од каде што почнува сè, од јадрото – од семејството.
Под рефлекторите продефилираа машки модели од различни возраснти, а парчињата облека градираа од урбани и трендовски (удобни панталони, маички, дуксери, бомбер – јакни) до луксузни класични кроеви на смокинзи, раскошно везени сакоа, свилени кошули, златни тантелни апликации и прекрасно скроени капути. Функционални, сепак гламурозни и толку едноставни модни комбинации скроени во семејната приказна на Долче и Габана кои секако беа поздравени со овации.
На парчињата облека беа аплицирани уметнички слики во техника од масло на платно со ликот на Богородица од периодот на ренесансата, па се до печатени портрети на семејства од 1930 – тите и фотографии од денешните, современи семејства. Всушност, брендот преку својот проект им овозможи на луѓето кои се активни на социјалните мрежи сами да аплицираат со свои семејни фотографии, доколку сакаат да бидат дел од кампањата. Целта беше фотографиите кои ќе бидат испратени да го претстават семејството во сите нијанси со сите генерации и да раскажуваат топла приказна.
Пчелите и круните беа искористени како симболи на семејствата и раскошно се вметнати на парчињата облека. Од друга страна, модниот двоец го искористи и брокатот како клучна и водечка ткаенина која се провлекува во нивните колекции и веќе станува дел од крвотокот на Долче и Габана. Кадифето, високо квалитетната свила, од кои се изработени раскошните модели се исто така е дел од модниот кројачки бастион на Долче и Габана.
Колекцијата осцилира во духот на едноставноста бидејќи содржи модели кои го нагласуваат опуштениот стил, но и раскошни и префинети парчиња кои припаѓаат на култната класика.
Централно место во колекцијата освен фотографските семејни портрети имаат и слоганите за бескрајна љубов, кон себе, кон семејството, кон другите, кон соседот, кон целиот свет.
Сакајќи да се вратат кон семејната нишка од каде припаѓаме и од каде тргнува животниот пат, Долче и Габана укажуваат и на уште еден есенцијален елемент кој пак е основа на семејството, а тоа е љубовта. Некако заборавивме да сакаме. Ги изгубивме љубовните чувства ама оние вистинските, некаде попатно додека сме зафатени со други „поважни“ работи. Чувството на заедништво и на тоа дека припаѓаме некому, некаде, топлината на семејниот дух, приказните на баба, разгалувањето од дедо, советот од мама, љубовта од тато, караниците со братот, бакнежот од љубениот, заедничките семејни собири... Семејната магија е изгубена и целта на модната двојка беше да посочи на изгубените вредности, но и повторно да ги афирмира. Значи оваа колекција има една подлабока суштина за која треба сите да се запрашаме и да размислиме.
И после историските инспирации од норманска култура во Сицилија, шпанското влијание во Сицилија, па дури и грчката инфлуенца, Долче и Габана се вратија на семејната традиција и вредност. Тоа е суштинска тема според нив, која свесно се провлекува низ историјата и културата на народите.