Си-ен-ен: Кој ќе ја плати кралската венчавка?

15 мај 2018

Уште три дена до долгоочекуваната британска кралска венчавка помеѓу принцот Хари и американската актерка Меган Маркл. В пресрет на големиот настан, „Си-ен-ен“ објави сторија околу тоа кој ги подмирува трошоците околу кралската/ските венчавка/и.

Кралицата Елизабета Втора им ги отстапува палатата и капелата на користење. Таа ќе ги почести и со ручек (на кој на претходните кралски венчавки присуствувале околу 600 гости), додека свечената вечера (за околу 300 пријатели) ќе оди на трошок на принцот Чарлс.

Според компанијата за организирање венчавки, оваа кралска венчавка ќе чини околу 44 милиони долари, односно околу 33 милиони фунти. Од ова, најголемиот дел од средствата се наменети за обезбедување и технологија (дронови, камери и слично) – околу 30 милиони фунти.

Некои велат дека венчаницата што ќе ја носи Меган, ќе ја плати самата, додека други велат дека и тоа ќе оди на трошок на кралицата.

Но, без разлика како ќе ги поделат трошоците околу свадбата, се поставува уште едно прашање, колку и од каде заработува кралското семејство?

Личното богатство на кралицата Елизабета, според проценката на британските медиуми, изнесува околу 360 милиони фунти (околу 485 милиони долари), цифра која е далеку од мала, но интересно е тоа што во Британија има повеќе од 320 луѓе кои се побогати од неа, пренесува „Сандеј тајмс“.

Трите главни извори на богатството на Елизабета се: средствата кои ѝ ги уплаќа владата на Британија, т.н Sovereign Grant, потоа сопствеништвото над војводството Ланкастер, а потоа доаѓаат нејзиното лично богатство, вложувања и имот.

Sovereign Grant  е годишен паушал, кој владата на Британија го уплатува а се однесува на покривање на трошоците околу патувањата, осигурувањето, вработените и одржувањето на кралската палата. Сето тоа го плаќа државата. За 2016/17 фискална година, кралицата на овој начин добила 42.8 милиони фунти, ослободени од плаќање данок. За годинава се претпоставува дека износот ќе биде за 78 проценти поголем од споменатиот претходно, односно ќе изнесува повеќе од 76 милиони фунти. Државата во голема мерка ќе го помогне и обновувањето на Бакингемската палата.

И нејзиниот сопруг, принцот Филип прима годишен паушал во износ од околу 359 илјади фунти, за финансирање на службени должности.

Војводството Ланкастер пак, е исто така важен извор на приходи. Приватните поседи кои датираат од 1265 година, опфаќаат станбени, трговски и стопански недвижнини и имот, кои последната година ѝ донеле приход од 19.2 милиони фунти. Овие пари, кралицата ги користи за службени и приватни трошоци, вклучувајќи ги и трошоците на останатите членови на кралското семејство за извршување службени должности во нејзино име.

Кралицата има и сопствен имот. Дворецот Балморал во Шкотска и имотот Сандрингам во Источна Англија ѝ се наследство од татко ѝ. Освен недвижнините, не е тајна дека таа поседува неверојатно голема и вредна збирка на поштенски марки и уметнички дела.

Богатството на Чарлс и неговата сопруга пак, во најголем процент доаѓа од приватните имоти што го поседува, а лани таа бројка изнесувала околу 20 милиони фунти. Половина од приходите ги трошат на службени патувања и должности, а четвртина од приходите одат за плаќање данок. Останатите 6.6 милиони фунти се за синовите на Чарлс, за „неслужбени“ трошоци и на кралската сметка за штедење.

Кога Меган Маркл и службено ќе стане дел од семејството, принцот Чарлс ќе има дискретно право на двојката да ѝ даде повеќе пари.

Инаку, се проценува дека кралската свадба в сабота, на Британија ќе ѝ донесе приход од повеќе од милијарда и пол фунти, а Британците се подготвуваат да им посакаат добредојде на преку 350.000 туристи. 

Објавено:
15 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.441 пати