Сити Мол го прослави вториот роденден со спектакуларен моден перформанс

5 октомври 2014

Трговскиот центар Сити Мол, вчера го прослави својот втор роденден. Забавата траеше цел ден  и вклучуваше различни перформанси, дружења и попусти кои ќе ги задоволат желбите на секој купувач и посетител. Меѓутоа официјалната забава по повод големата роденденска прослава, беше на  последниот кат од  гаражниот простор, односно на покривот на трговкиот. Одличната сценографија за модниот перформанс кој беше една од клучните точки на роденденот, вклучуваше професионална техничка поддршка, две писти и богата музичка позадина. Голем дел од модните брендови кои имаат свои претставништва во рамките на Скопје Сити Мол претставија дел од своите есенски машки и женски колекции.  По завршувањето на модниот перформанс следуваше забава со познатиот македонски музички виртуоз, Кирил Џајковски.

„Целта на настанот е да прослави две години од постоењето на Сити Мол. Пред две години се отвори овој трговски центар, па поентата вечерва е да ги видиме нејановите колекции на брендовите кои се закупци токму овде. Брендовите на Fashion Group, кој што е еден од најголемите закупци, ќе се претстави со колекции на Манго, Бицијани, Спрингфилд, Fashion and Friends, Тимберленд, сите  за сезона есен-зима 2014/15 и ќе имаме еден многу интересен дел со долна облека што не е честа појава кај на ревиите. Во тој блок на ревии ќе учествуваме со модели од брендовите на Golden Point и Woman Secret“, ни откри маркетинг менаџерката на Fashion Group, Јасмина Апостоловска.

Интересен е фактот што токму за оваа роденденска прослава специјално за ревиите беа ангажирани машки и женски модели од Бугарија, Србија, Црна Гора и од Македонија.

„Има манекенки и манекени од Бугарија, Србија и Црна Гора и од кај нас, а имаме и кореографка од Бугарија која специјално дојде за да го осмисли концептот на целото модно претставување оваа вечер. Во склоп со програмата ќе најавам и неколку перформанси како и многу изненадувања. Мислам дека ќе биде вечер која ќе ветува одлична забава и која ќе ја крунисаме со настап на Кирил Џајковски“ додаде Апостоловска.

Од понудената модна програма  фасцинираа младешките трендовски комбинации кои беа тотално во духот на лежерноста. Карираниот дезен се чини дека ќе царува низ градските улици оваа сезона, како и краките чопрапчиња, впечатливите масивни чанти и удобноста која е основен предзнак на спортско-елегантниот стил. Одредени сегменти во склоп на ревијата понудија и навистина елегантни машки и женски визии, кои беа во боемски стил, софистициран изглед и нагласен сексапил.

Во продолжение погледнете ја галеријата и видете кој се беше дел од оваа роденденска забава.

Објавено:
5 октомври 2014
Категорија: 
Актуел