Оваа недела, 26-ти јануари, ќе биде најголемата и најзначајната ноќ за музиката. Станува збор за 56-те по ред Греми музички награди во Лос Анџелес, каде од 82 Греми категории ќе се доделат наградите за музичко достигнување, албум на година, видео, песна, најдобар млад изведувач и други.
Домаќин на настанот ќе биде американскиот рапер Џејмс Тод Смит.
Засега, може само да се претпоставува кој ќе си отиде со најмногу награди, какви настапи ќе имаат изведувачите и со што ќе изненадат на сцена, додека пак групата Дафт Панк после настапот во 2008 година, повторно ќе имаат свое шоу на годинешното доделување на Греми. Секако, освен настапите на сцена, во фокусот ќе биде и црвениот килим, каде ѕвездите ќе парадираат во последните креации на светските дизајнери. Пред да дојде овој голем ден, преку фото галерија ние ретроспективно ве навраќаме наназад низ годините каде ќе се потсетите како изгледаа славните од музичката фела и каква била модата тогаш. Кога ги гледаме од сегашна перспектива, повеќето од изгледите се смешни, а некои дури и бизарни.