Скопски фестивал: Монотонија на гламурозна сцена

13 ноември 2014

Метрополис арената вчеравечер беше местото каде се одржа долгоочекуваниот Скопски фестивал, на кој победи актуелниот миленик на македонската публика Даниел Кајмакоски со песната „Лисја есенски“.

„Македонија ќе ја претставам со големо срце и со големо задоволство. Тоа ми е сон уште од дете и голема желба, која еве се оствари“, изјави Даниел по победата кој на сцената се појави во целосен стајлинг од неговата стилистка Ивана Рабреновиќ.

Второпласирана беше Тамара Тодевска со песната „Брод што тоне“, а на третото место им се придружи младата Еги со нумерата „Да не те сакам“.

Втора година по ред, домаќин на настанот беше секогаш уникатниот Васил Зафирчев кој го отвори фестивалот со интересен кабаре настап карактеристичен за неговата енергија. Актерот како домаќин дефинитивно беше еден од оние што вчеравечер ги заслужија сите пофалби од моден аспект. За неговата гардероба и авторски и креативно се погрижи костимографот Раде Василев, а фестивалот тој го затвори во костим  на дизајнерот Бобан Илиевски.

„Прво ми е многу драго што си ја продолживме убавата соработка од минатата година, промовиравме еден сосема нов поинаков концепт кој се обидовме годинава да го надградиме. Се надевам дека успеавме во тоа“, изјави Зафирчев по завршувањето на фестивалот.

Годинешната тема на Скопски беше „Евровизија“, односно најзначајните феномени што ја означиле евровизиската сцена и на некој начин извршиле влијание врз развојот на современата музика во светски рамки.

kolaz

Од аспект на сценската костимографија и комплетниот визуелен печат, црната боја беше сеприсутна. Независно дали се работи за машкиот или женскиот дел од изведувачите, мнозинството ја одбрало најсигурната варијанта, барем во однос на изборот на бојата. Со оглед на обврската  и одговорноста која ја наметнува и самиот престиж на фестивалот, дамите сметале дека е најсоодветно да облечат долги свечени тоалети, кои најчесто во горниот дел беа корсетирани, а во долниот дел продолжуваа со транспарентни материјали. Мажите пак, направиле функционален спој на естетиката и удобноста, па нивниот избор во најголем дел беше спортско-елегантна варијанта на сако, кошула и панталони.  Генералниот впечаток околу изгледот за претставниците на сцената од посилниот пол,  се сведува како на строго поставен дрес –код . Иако истиот не постоеше,  речиси сите се потпреа на спортската-елеганција во црно и бело.  Ретко кој од нив реши да експериментира барем во одреден сегмент од стајлингот, од  кој самоуверено  се потпреа на проверена и сигурна варијанта. Класичните црни сакоа,  комбинирани со кошули,  изобилува на сцената. Токму поради темните монохроматски  нијанси, повеќето стајлинзи   мимикрираа со темниот под.

Победникот Даниел Кајмаковски се појави во младешка спортско-елегантна комбинација, слоевито споена од сива кошула, елек и црно класично сако, кои одлично се надополнија со панталоните во спортски крој  декорирани  со спуштени црни трегери. Покрај нив како аксесоар, интересен детаљ беа и долгите бели ракави што ги покриваа неговите дланки. Ова беше случај кога строгите модни правила вредеше да бидат прекршени. Токму специфичните асиметрични пресеци што надзираа од  ракавите на сакото, го создадоа највпечатливиот ефект. Очигледно беше дека стајлингот на Кајмаковски имаше своја порака, која требаше да ја испратат жолтите патики како асоцијација за жолтите лисја од текстот на песната. Иако требаше перфектно да контрираат, истите се покажаа како несоодветни од целосниот впечаток, токму поради интензивниот контраст кој како излишен, непотребно одвлекуваше внимание.

Некои пак, собрале храброст да експериментираат, што не секогаш се покажува како успешна завршница. Кога во еден изглед се’ е нагласено, тогаш значи и дека се претерало. Иако сцената бара доминантна појава за да се владее со неа, сепак тоа не значи дека фризурата мора да биде волуменизирана, шминката пренагласена, да се открие премногу кожа или да се скриете зад слоевитоста направена без никаква естетика во изборот на материјалите, формите или боите.

Неколку  пејачки за разлика од повеќето кои создадоа стилска монотонија од светкави детали и стерилност од едноставноста на макси тоалетите, се одлучија на сцената да се појават во креации што ги карактеризираат светските тенденции. Во тој контекст , две изведувачки изненадија со транспарентното разголување во пределот кај нозете. Сепак, според физичката конституција и лошиот избор на материјали, посакуваниот визуелн впечаток беше уништен, а трендот што сакаа да го презентираат не беше износен соодветно.

Интересен е фактот што покрај неколкуте македонски дизајнери кои се потпишуваат зад сценските изгледи на дел од изведувачите, имаше ангажирано и дизајнери од Косово и Србија, како во случајот на победникот Кајмакоски или Тања Царовска.

Видовме неколку впечатливи и внимателно одбрани стајлинзи кои и покрај моќната сцена, успеаа да ја освојат, па дури и да ја совладат.

Тања Царовска  во секој поглед го испочитувала престижот и богатата традиција што со себе ја носи Скопскиот фестивал, особено од аспект на нејзиниот сценски имиџ. Нејзината стилска комбинација истовремено е тренди, носи младешка енергија, а покрај тоа е доволно отмена, гламурозна  и достојна за сцената на еден  ваков фестивал. Авангардниот краток елек од лондонскиот бренд  „Charity“, со пердувести нагласени рамена, е во совршен спој со повеќеслојното, волуменозно здолниште со висок струк што остава мал, суптилен дел на гол стомак, а го носи потписот на косовската дизајнерка Флутура Дедиње која годинава беше дел од учесниците на Модниот вкиненд Скопје.

„ Јас го видов овој модел на Модната недела во Скопје и се заљубив во ова здолниште и ја контактирав дизајнерката и на крај остваривме прекрасна соработка. Горниот дел од комбинацијата е мој, морав да најдам нешто во што ќе се чувствувам удобно на сцената, па го одбрав ова палто купено во „Charity shop“ во Лондон“, вели Царовска за Fashionel.

Посебна драматичност на сцената ѝ донесе и секогаш позитивната и расположена Вера Јанковиќ која изгледаше светски во креација од последната колекција на модната куќа „Елена Лука“ – Eligion. Имавме можност да ја видиме и театралната страна на нејзиниот оригинален, рокерски имиџ. Со својата комплетна појава владееше на сцена и со тематски осмислениот стајлинг  ја комплетираше емотивната балада со што создаде една целосна приказна. Истовремено женствена и моќна, емотивна и силна, Вера донесе посебна енергија. Визуелниот фокус беше ставен на кожената наметка со двојна, црно-црвена основа и коженото здолниште што беше суптилно синхронизирана целина помеѓу транспарентна основа и кожените детали. Овој целосен изглед од колекцијата „Eligion“ беше вистинскиот избор за да се пренесе пораката на Вера. Истиот драматичен печат беше надополнет и со силната шминка и впечатливата фризура.

„Јас дадов и јавна благодарност по социјалните мрежи за тимот на Елена Лука кои се неверојатно пожртвувани. Многу ретко се наоѓаат луѓе кои комплетно му се предаваат на еден човек. И во тој момент се чувствуваш сигурен како да е светот твој. Песната всушност е балада на Дарко Тасев, биографска песна, страшно погодена! Ова е едно убаво најавување, нови проекти, ова е како една промоција на сѐ она што тлеело со години. Ова е четврта генерација автори на мојот тим кои што се достојна замена на она што се работело на Скопски. Дај ми евергрин. Баладите се евергрин“, изјави Вера за Fashionel.

Веднаш по серијата темни креации, свежина на сцената внесе младата и шармантна Александра Јанева.

Талентираната пејачка  со оглед на тоа дека поседува врвен вокал, повторно одговори на предизвикот да исполни една силно-емотивна балада која бара баланс на сцената, покрај другото и во поглед на визуелното присуство. Нежна, романтична, облечена во бела тоалета во сирена крој украсена со еднослоен тул и нагласена половина со одличен рачен вез, таа непрентенциозно ја освои сцената. Елена Лука“која се потпишува зад нејзиниот стајлинг, внимавала на емоцијата која треба да се пренесе со изведбата, па токму затоа целиот стајлинг носи емотивен сензибилитет прикажан пред се’ преку минималистичката линија на тоалетата и белата боја. Изгледот е комплетиран со  природна шминка и собрана коса, што во целост соодвестуваат и со нејзината младост и со темата на композицијата.

„Ова беше едно неверојатно искуство, секогаш ми е задоволство да настапувам со ваков оркестар, да се дружам со вакви луѓе и ова е искуство кое не секој може да го доживее и кое се памети засекогаш. За мене вечерва се погрижи Елена Лука и го носам овој прекрасен фустан и навистина сум и благодарна за тоа, таа го знае најдоброто. Соработката со Елена Лука се случи сосема спонтано. Јас ја следам нејзината работа, ми се допаѓа изработката и стапивме во контакт и еве  ме мене на Скопски во тоалета на Елена Лука“, вели младата Александра.

Тамара Тодевска имаше одлична изведба и интересен стајлинг потпишан од Ивана Кнез  кој особено автентичен печат доби благодарение на деталите.   Најголем впечаток остави со црната куса коса и светките што очигледно ги обожава, а оригинална идеја беше и накитот што таа го носеше на десната рака како интересен тренд во најава. Единствено дискутабилна е  беж бојата на фустанот која ги открива и најситните аномалии, но од друга страна за поздрав е уникатната замисла постигната со страничните апликации во форма на раце.

„Јас сум активна на фестивалите од причина што знам да изберам добра песна, сакам тоа што го работам да излезе во јавноста на најубав начин. Уживам во моментот кога ќе излезам на сцена, се препуштам на целата магија и енергија. Се подготвував долго време, работевме со Роберт Билбилов, не одев на пробите, туку вежбав во студио со него. Факт е дека колку и да се трудиш и да си добар треба да се поработи на тоа за да биде совршено и навистина дадов сѐ од себе за да ја доживеам и презентирам песната онака како што треба.  Ивана Кнез повторно се погрижи за мене и мојата тоалета, за која вели дека е најубавата што до сега ја дизајнирала. Има трик со рацете кои ме држат за струк, бидејќи е поврзана со песната „Брод што тоне“ и тоа те гуши цело време и тоа е целата поента и приказна“, вели Тамара за Fashionel.

Нина Јанева, за својот настап одбра креација во црна боја со едноставен А – крој соодветен за нејзината тежина.

„ Оваа година одлучив да одам со своја креација. Ова е многу практичен модел кој одредени делови истакнува, а одредени делови кои треба да бидат вкусно скриени, ги сокрива. Го направивме јас и Билјана која што ми помогна околу составувањето и шиењето, Билјана е инаку хорист во Опера и Балет и нема никаква врска со шиење, меѓутоа се занимава со тоа од љубов, од хоби. Двете го склопивме овој модел, па оваа година се чувствувам многу комотно, за разлика од минатата кога бев во корсет и скај“, вели Нина.

Во ревијалниот дел имавме можност да уживиме во изведбите на двете етаблирани дами на македонската музичка сцена Каролина и Калиопи.

По теркот на тековните тенденции,  интерпретирани  во најдоброто модно светло што го бараше големата гламурозна сцена, вистински ја исполни пејачката Каролина Гочева. Иако се појави во ревијалниот дел, нејзиниот стајлинг воодушеви. Во консултација со нејзината долгогодишна пријателка и стилистка Цаци Паковска, Каролина на себе имаше макси фустан со потпис на италијанската етикета Зап Милано.  Тоалетата во горниот дел ја одликуваше корсетиран топ,  врз кој слоевито се дополнува транспарентна мрежа со црни точки која завршува со тесни долги ракави. Долниот дел пак’  беше најспецифичниот, конструиран во смирен крој,  на кој богат ефект му создадоа впечатливите и трендовски реси. Каролина Гочева освен час по пеење, одржа и издржана модна лекција по која треба да се придржуваат искусните изведувачи.

Објавено:
13 ноември 2014
Категорија: 
Актуел