Совпаднати датумите на две големи шоуа закажани од Шанел и Викторија Сикрет

8 октомври 2014

Вториот ден од последниот месец во годината, декември ќе биде еден од најзначајните во модната индустрија. Во иста вечер кралската престолнина Лондон ќе биде домаќин на големото модно- шоу на брендот за долна облека Викторија Сикрет, а истовремено во Салзбург или градот на Моцарт во  Австрија, модниот крал Карл Лагерфелд во дворецот Schloss Leopoldskron ќе го презентира своето шоу Métiers d'Art на Шанел.

Луксузниот француски бренд избра  токму на втори декември да го одржи својот годишен настан на уметностите и занаетите во палатата Schloss Leopoldskron која е целосно во рококо стил и е лоцирана на само неколку минути од градот Салзбург, а во моментов функционира како хотел.

На настанот ќе бидат прикажани разни техники на изработка на уметнички и занаетчиски дела, од страна на врвни специјалисти од соодветните области кои работат за Paraffection, компанија подружница на Шанел. Во рамките на Paraffection спаѓаат Lessage, ателје за изработка на везени производи основано 1868 година, потоа Causse, врвна компанија за изработка на ракавици од 1892 година и Barrie, шкотска компанија за изработка на облека од волна, која од 2012 година му припаѓа на Шанел.

Во рамките на „Paraffection“ припаѓаат и 11 самостојни производители кои не соработуваат со Шанел. Секоја колекција на Métiers d'Art е инспирирана од модните писти. На пример, по минатогодишната модна ревија во Далас, беше изработена Métiers d'Art колекција инспирирана од каубојскиот стил, а беше прикажана и во Шкотска, Шангај и Бомбај.

Годишното шоу привлекува многу гости, познати личности и амбасадори на модниот бренд Шанел. Секоја година е спектакуларно и гламурозно како што впрочем и му доликува на настан кој е во организација од страна на еден од најпознатите модни дизајнери во светот.

Покрај настанот Métiers d'Art, францускиот моден бренд Шанел најави дека ќе ја продаде својата филијала од козметичката линија Bourjoui, на американската фирма Коти за околу 190 милиони евра. Информацијата  ја потврдија одговорните во секторот за односи со јавност од двете компании.

Производите кои се дел од декоративната линија за шминка се продава во повеќе од 50 земји ширум светот, а доминантниот пазар е лоциран во Западна Европа, на Блискиот Исток и Азија. Мултинационалната компанија Коти е со седиште во Њујорк, а е основана во 1906 година од страна Франсоа Коти во Франција. Компанијата произведува парфеми за реномирани брендови како Келвин Клајн, Клое, Адидас, Римел и други.

 

Објавено:
8 октомври 2014
Категорија: 
Актуел