Продажните места на брендот „Спрингфилд“, кој е дел од групацијата Fashion Group го освоија првото место за Најдобар трговски објект за 2014 година, награда која ја доделува Град Скопје во соработка со SWOT Research. „Спрингфилд“ ja освои наградата во категоријата Бутици.
Наградата за Најдобар трговски објект се доделува традиционално по осми пат во повеќе категории, а е резултат на истражувањето и оценувањето кое SWOT Research го спроведе од 01 до 30 ноември 2014 година. Критериумите, по кои така наречени тајни купувачи (mystery shoppers) ги евалуираат трговските објекти, го опфаќаат целокупниот процес на купување – од првичниот впечаток при влез во продажното место, преку услугата, љубезноста, уредувањето на продавницата, начинот на плаќање, дополнителните елементи на продажбата па сè до нејзиното завршување и заминувањето на купувачот од продавницата.
„Наградата доаѓа во вистински момент и е одлично заокружување на 2014 година, кога Fashion Group посвети особено внимание на дополнителни тренинзи и обуки за вработените со цел да се подобри искуството на секој купувач во продажните места на групацијата. Потврдата дека „Спрингфилд“ и останатите брендови се на вистински пат, е мотив повеќе да се продолжи добрата работа, која резултира со успех и задоволни купувачи и во годината која доаѓа“, велат од Fashion Group во соопштението до медиуми.
Springfield е шпански бренд кој промовира лежерна мода за жени и мажи со европски сензибилитет.