Српската модна дизајнерка Марина Миќановиќ ги имаше своите брилијантни „пет минути" на актуелната Њујоршка модна недела каде што таа ја прикажа својата нова колекција за сезоната пролет-лето 2017.
-Впечатоците се прекрасни! Организацијата на ревијата, коментарите кои ги добив после ревијата од присутните новинари и останатите гости, позитивните критики што веднаш се појавија на модните блогови... Баш сум пресреќна и преплавена со емоции. Целата колекција останува во Њујорк бидејќи потпишав договор со агенција која се занимава со стајлинг на ВИП личности, така што се надевам дека наскоро ќе видиме некои од моите модели на големите светски ѕвезди, изјавила дизајнерката после ревијата.
Автентичниот моден печат што Миќановиќ го остава уште од нејзината прва колекција, е присутен и во оваа. Моделите се во авангардни кроеви со многу рачна работа. Лелеавите материјали и интензивните бои во комбинација со кожените детали се прилагодени на новото време.
Дел од амбиентот на нејзината ревија погледнете во галеријата во продолжение.