Најмалку 22 лица се убиени, а голем број повредени во вчерашниот терористички напад на концертот на светската музичка ѕвезда Аријана Гранде во Арената во Манчестер.
На видеата што се појавија на социјалните мрежи можеме да видиме толпа луѓе кои се борат за својот живот и во паника трчаат кон излезите, поради што настанал уште поголем метеж и голем број на луѓе биле повредени.
Полицијата потврди дека бомбашот – самоубиец починал на самото место веднаш откако ја активирал импровизираната направа.
Покрај светските политичари, голем број од ѕвездите го изразија своето жалење на социјалните мрежи, а Аријана Гранде беше прва која им се обрати на своите обожаватели со емотивна порака.
„Скршена сум, од дното на мојата душа и срце. Многу ми е жал, неавистина немам зборови за ова што се случи“, напиша таа на својот Твитер профил.
Нејзините колеги изразија сочувство до семејствата на жртвите со пораки на социјалните мрежи, а Тејлор Свифт беше меѓу првите.
„Моите мисли и молитви се со семејствата на сите оние кои беа дел од оваа трагедија во Манчестер вечерва. Ви ја праќам целата моја љубов“, напиша пејачката.
Слични беа пораките и на Хари Стајлс, Деми Ловато, Кејти Пери кои на своите профили напишаа дека се молат за сите вклучени во инцидентот и се грижат за тоа каде отиде светот.
„Како татко и воопшто човек, она што се случи вечерва навистина ме растажи. Моите мисли се со сите оние кои беа дел од оваа трагедија“, напиша Дејвид Бекам на Твитер.
Фотографиите од вчерашниот напад во Арената во Манчестер покажуваат неверојатно застрашувачки моменти од обидите за бегање на присутните на концертот, а британската полиција известува дека многумина сѐ уште бараат членови на своите семејства кои биле на концертот.
Очевидците потврдуваат дека одеднаш се слушнал голем татнеж од експлозијата и стампедо од луѓе почнало да се движи кон излезите од арената.
Тие појаснуваат дека бомбата најверојатно пукнала некаде при крај на концертот, во предните редови каде и имало најмногу настрадани.
Британската полиција соопшти дека инцидентот засега го третираат како терористички напад.