Тајлер Мичел: Првиот Афроамериканец кој сликаше насловна за Вог

7 август 2018

Тајлер Мичел е 23 годишно момче кај кое љубовта кон фотографијата се развила уште во основно училиште кога и со помош на неговите пријатели скејтери успеал да ја купи првата камера.

Инспириран од познатиот Спајк Џоунз и неговите скејт видеа, се обидел сам да научи да направи свои со помош на онлајн туторијали.

„Јас сум од Јутуб генерацијата на деца. Научив како да правам филмови и како да ги средувам истите. Многу брзо, знаев што сакам и каде сум“, вели Мичел, кој ја фотографираше Бијонсе за септемвриското издание на Вог.

На само 23 години, Мичел е еден од најмладите фотографи кои успеале да добијат насловна на Вог и да ја фотографираат Бијонсе, која важи за една од највлијателните личности во светот.

Наместо да најми агент, тој успеал сам себе да се рекламира преку социјалните мрежи, а неговите родители и пријатели му биле асистенти при правењето фотографии и филмови.

Мичел е првиот Афроамериканец кој успеал да слика насловна за Вог во 125 годишната историја на магазинот.

„Долги години, Афроамериканците се сметаа за нешта, не за луѓе. Бевме малтретирани физички, сексуално, емоционално. Со мојата работа сакам повторно да го истакнам и возвишам црното тело“, вели фотографот за Вог.

Тој направи неколку одлични фотографии од музичката дива во куќа близу Лондон која им даде посебен печат на фотографиите.

„Кога седнавме да се договориме за едиторијалот, се почувствував многу слободно, удобно во нејзиното друштво, како што е случај со некои пријатели, а тоа за мене беше неочекувано. Очекуваш некој познат како Бијонсе да се штити на сите можни начини, но не, таа е навистина како отворена книга и тоа е она што најмногу го сакаат фотографите“, изјави Мичел.

Со овој потег, тој им порачува на сите млади деца дека можат да постигнат што и да посакаат само треба да ги отворат очите.

Фото и извор: Vogue.com

Објавено:
7 август 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
257 пати