Тајните за виталност и успешност на 82-годишната манекенка Кармен дел Орефис

11 јули 2013

Додека повеќето манекенки имаат куса кариера, онаа на легендарната Американка Кармен Дел Орефис трае веќе 70 години. Оваа витална дама и понатаму позира пред објективот на познатите фотографи, во јануари годинава гостуваше на ревијата на Стефан Роланд на Париската недела на висока мода, а минатата недела се појави на насловната на магазинот You, прилог на весникот Daily Mail. Убавицата со благороднички профил првата насловна страна за Vogue ја направи кога имаше 15 години, а во Гинисовата книга на рекорди запипишана е како манекенка со најдолга кариера. Еве неколку корисни совети за модата, негата и животот што Кармен ги сподели со новинарката на You:

 

 

Ја хидрирам кожата и пијам многу вода

Кожата ја хидрирам со сѐ што ќе ми дојде при рака - од козметички препарати до маски од овошје и зеленчук што го наоѓам во кујна. Но на кожата ѝ е потребна грижа  и одвнатре. Секое утро пијам вода со лимон и јадам многу пробиотички јогурти.

 

Диетите не се комплицирани

Диетата и водењето сметка за линијата не е толку комплексно. Потребно е да имате самодисциплина и да се помирите со генетиката. Такви сте какви што сте. Сите жени сакаат да бидат послаби од она што се, па во таа смисла јас сум типична жена.

 

 

Уживам во готвењето

Живеам сама и уживам во домаќинските работи. Ги сакам животот и готвењето, особено подготвувањето на вечера за најблиските пријатели.

 

Не се омажив да имам деца

Се омажив не за да раѓам деца, туку за да уживам во животот со човекот што го сакам. За среќа, бев благословена со едно дете. Мојата ќерка Лора, која сега има 60 години знае дека беше сакано дете, родено од љубов. Секогаш го имаше моето внимание и уште го има.

 

Моделот треба да има персоналитет

Како манекенка немав свој идентитет, јас бев камелеон, актерка во нем филм. Бев аморфен лик. Како да немав индивидуалност во себе и бев полна со самотија. Не бев типична девојка од насловните страни. А мора да признаам дека повеќе насловни страни добив во последните 15 години отколку во годините претходно.

 

 

Не праќајте пораки по мобилен телефон

Имам мобилен телефон и ајпед, но никогаш не праќам пораки затоа што имам артритис и тоа ми го отежнува куцањето на тастатура. Техологијата треба да ни служи нам, а не ние нејзе. Не треба да се оптеретуваме, доволно е телефонот да ни послужи за телефонирање.

 

Манекенството многу ми овозможи

Со оглед на моето скромно потекло, поголем дел од младоста  ја поминав гладна и без пари. Немаше да го прошетам светот и доживеам толку многу работи ако не се занимавав со оваа професија.

 

Новите манекенки се вулгарни

Младите манекенки ги учат да одат на писта на секси начин. Им недостасува префинетост, во нивните чекори не постои романтичност. Сѐ е вулгарна дескрипција на животот, а тоа е толку жално.

 

 

Бидете трпеливи

Ми требаше половина живот да сфатам која сум јас и да пронајдам задоволство. Како можам да бидам верна на нештата, доколку не се познавам себеси? Како стареам може сѐ повеќе сум искрена пред себе, но сѐ уште работам на себеси. Не мора да ви се допаднам, ама нема да ви удоволувам за да го добијам вашето одобрување.

 

За или против пластични операции

Луѓето постојано ме прашуваат какви пластични операции сум направила. Третманот што го направив за да го елиминитрам оштетувањето на лицето од сонце повеќе не се прави. Тоа не беше ни фејслиф, ниту пак хемиски пилинг. Докторот користеше најфина четка со која „стружеше“ по лицето, а по третманот добив бебешка кожа. Ама сега мора да внимавам на кожата и дење не се појавувам без заштита. Сега крем со заштитен фактор ставам и кога одам на спиење, во случај да го заборавам наутро.

 

Погледнете ја галеријата со избрани фотографии од нејзината кариера:

 

 

 

 

Објавено:
11 јули 2013
Категорија: 
Актуел