По заминувањето на двајцата главни директори од модната куќа Гучи, Фрида Џанини и Патрицио ди Марко, гласините не стивнуваат за тоа каква ќе биде иднината на брендот.
Последна во низата е таа дека голема е веројатноста Том Форд да биде заменикот на Џанини, откако таа ненадејно си замина од тимот оваа недела, иако најави дека ќе остане да ја подготви нејзината последна ревија во февруари оваа година.
Во текот на цела една деценија, односно од 1994 – тата, па сѐ до 2004 – тата година, Том Форд од Гучи успеа да направи бренд чии парчиња денеска се обожувани од целиот свет. Во таа неверојатно успешна деценија под креативното водство на Том Форд, брендот Гучи ја презема и контролата над модната куќа Ив Сен Лоран. Соработката со Том Форд беше потег што Гучи никогаш не успеа да го повтори.
Неговите контроверзни рекламни кампањи и ангажирањето на големите ѕвезди не беа нешто што Фрида Џанини сакаше да го продолжи, па така нејзината кариера во брендот не успеа да ги восхити реалните жени, ниту пак големите ѕвезди, пишува Буро 24/7.
По недоразбирањата со сопственикот на концернот Керинг под чија сопственост функционира брендот Гучи, Франсоа Хенри Пинаулт, Том Форд се повлече од јавниот живот, за во 2006 – тата година да се врати во софистициран стил претставувајќи му го на светот неговиот сопствен бренд.
Тука се поставува прашањето зошто Том Форд воопшто би се вратил во Гучи, кога денеска поседува бренд што вреди повеќе од милијарда долари!?
Од друга страна пак, можеби ќе тргне по стапките на Џон Галијано кој неодамна стана креативен директор на модната куќа Мезон Мартин Марџела и имаше огромен успех со неговата прва ревија.
Ние стискаме палци оваа гласина да биде вистинита...