Македонската модна агенција Моделс ИН ќе биде дел од светскиот престижен избор за модели „Лице на годината“ (Look of the Year) кој носи голем „багаж“, респектабилност и традиција низ годините.
Првата селекција на модели е веќе направена, а втората ќе се случи веќе утре (30 - ти Ноември) во Белград, каде ќе се одбере само по една претставничка од сите шест земји на поранешна Југославија.
Веднаш потоа, ќе следи и Светскиот избор што ќе се одржи во Рим во првата недела од месец декември.
Благодарение на Јелена Ивановиќ од International Model Scouting како нејзини долгогодишни соработници и партнери, македонската модна агенција Моделс ИН ја претставува својата земја со три девојки кои ќе се борат за пласман во финалето.
По првата селекција беа одбрани моделите Наталија Стојаноска , Илона Вуковска и Елена Гугоска, кои ќе се борат за влез во финалето во Белград.
Токму под водството на Јелена Ивановиќ и агенцијата „Women“, своите кариери на успешни модели ги градеа и веќе докажаните Мартина Павлоска, Катарина Ивановска и Елена Трајановска.
Она што е особено важно да се напомене, е тоа дека токму на овој избор „Look of the Year“ во 1988 година на ниво на поранешна Југославија, триумфираше топ моделот Надица Георгиева, која потоа изгради интернационална кариера.