Уметност, театар и мода - Елена Лука остави незаменлив печат со IMPACT

29 октомври 2015

Вчеравечер Елена Лука остави свој незаменлив печат на модната сцена, со промоцијата на новата колекција IMPACT есен-зима 2015/16 во Даут Пашин Амам во Старата скопска чаршија.
Сумираните впечатоци по ревијата упатуваат на еден заклучок: вистинско модно шоу кое во еден здив ја слави модата како уметност, театар, инвентивност, храброст, идентитет...

 

 Во одлично осмислениот амбиент што со целата синхронизација на сценографија, светло и музика, ја раскажува приказната на IMPACТ, продефилираа четириесетина модели, секој со своја автентична идеја и порака, но со еден заеднички артистичен печат.

Токму артистичниот приказ на современата жена, е препознатлива карактеристика на модната куќа Елена Лука, а IMPACT ги оправда и највисоките очекувања од тој аспект.
IMPACT е резиме на храбриот дизајнерски пристап во ослободувањето на креативната мисла, но и прагматично проследување на потребите на современата жена.

Синхронизираниот спој на контрастите помеѓу остро дефинираните линии и меките, нежни и лелеави форми, создава целина која е реплика на моќната, доминантна и авторитетна жена од една страна, и нејзината кршливост и суптилност од друга.

Основниот крој на дизајнерските парчиња е разработен и облагороден во мулаж техника, што на ликот на целата колекција ѝ дава богата слоевитост и склуптурална форма во која се препознава и влијанието на современата архитектура.

-Презадоволна сум од она што го прикажавме овде во Даут Пашин Амам. Тоа што го имавме во план и го реализиравме. Бевте сведоци на ревија за која сметам дека беше одлично модно шоу. Мислам дека како бренд отидовме чекор понапред, бидејќи сработивме една поинаква конструкција. Направивме спој на две линии – архитектонска, скулптурна конструкција од една страна и лелеава форма од друга. Таква е впрочем и жената, од една страна доминантна, амбициозна, а од друга сензуална, кршлива, нежна... Лично сметам дека зад сцената сработивме доста кројачка работа што нас нè интересира како бренд. Сè надевам дека публиката го препозна трудот што го вложивме во нашата работилница и направивме одличен производ – изјави Елена Пандева, сопственичката на „Елена Лука".

Доминантна е црната боја која е разиграна со присуство на тегетната и златните детали, како што се впечатливите патенти што имаат свое влијание во заокружувањето на целината, исто како и деталите во геометриски форми изработени од плексиглас. Централниот фокус на линијата е авангардна дефиниција на парчиња облека што соодветно може да му дадат печат на имиџот на секоја жена со изразена индивидуалност: капути во комбинација на еко крзно, палта од брокат, транспарентни мантили, корсети, вечерни тоалети, сакоа, здолништа, како и комбиниција на мрежасти хулахопки со сандали на платформи – секое парче е посебна целина во комплетната слика.

Во IMPACT се препознава и јапонска естетика, особено впечатлива преку неконвенционалниот избор на шминка и фризура, повторно во артистичен фазон, со што се заокружува дизајнерската идеја.
Помеѓу присутните гости, забележавме и голем број соработници и пријатели на Елена Лука, како и јавни личности кои по завршувањето на ревијата ги споделија своите впечатоци.

-Навистина редовно ја следам оваа креаторка и нејзината работа. Вечерва сум посебно среќна бидејќи можам да коментирам за очигледниот голем прогрес кај неа. Вечерва видовме една ревија на висока мода, ме радува што на домашен терен може да го видиме тоа и да присуствуваме на една одлично организирана светска ревија. Пред сè ме воодушевија скапите и квалитетни материјали, изработката и софистицираноста во кроевите, како и изборот на професионални модели. Она што исто така дополнително воодушевува е изборот на простор за ревијата, Даут Пашин амам. Прекрасно е овде и очигледно може да се користи и за вакви пригоди и настани. Честитки до креаторите и целиот тим на „Елена Лука". Чувството после една ваква ревија е исполнетост, пробудена убава емоција и задоволство, изјави за Fashionel Наташа Мешковска.

Секогаш присутна во публиката на Елена Лука е и Лила Стојановска, која веќе долги години соработува со модниот бренд.

-Беше навистина фасцинантно. Морам да признам дека претпоставував, но не очекував вакво нешто – нешто поинакво, модерно, нешто што не сум го видела никаде. „Елена Лука" уште еднаш покажа дека е своја, оригинална, женствена и што е најважно - во чекор со времето. Веќе имам неколку фаворити, како и секогаш и многу брзо ќе видите дел од креациите и во мојата емисија „Сè или нешто", каде знаете дека веќе со години ме облекува „Елена Лука", вели Лила.

Актерката Весна Петрушевска ни ги откри нејзините фаворити од колекцијата.

-Мислам дека се работи за едно визионерство во однос на идентитет, кога се работи за моден креатор. Станува збор за исклучителна храброст, за концептуален коментар во однос на модната индустрија. Ова е ретка можност кај нас да се види висока мода. Досега сме гледале обиди, но ова е навистина тоа што треба да биде. Мислам дека „Елена Лука" вечерва одржи лекција, домашна работа.
Имам веќе две омилени парчиња. Едно капутче со шишано крзно од страна и тиролка со акцент на патентот е она што мене ми го привлече вниманието и ми се допадна. Сакам да кажам дека, освен што е визионерски многу точна, како концепт, мислам дека метафората во однос на целата ревија може да се прочита преку нивните фризури, завоите - јас барем така ги доживеав, како симболизам, контрапункт и коментар на високата мода, глобално во светот и она што денес се случува. Многу визионерски, Весна ги сумираше своите впечатоци.

 

Ребека која исто така е долгогодишен соработник на Елена Лука и често може да ја видиме во парчиња на модната куќа, изјави:

-„Елена Лука" е секогаш оригинална. Необично, можеби малку индустриски, но со софистициран завршеток, што е типично за Елена, за нејзиниот стил. Можеби сум и субјективна бидејќи и лично ја познавам Елена, но сепак, имаше парчиња што ми оставија силен впечаток. Дури и си бендисав една кошула, им реков да ми ја чуваат на страна.

Заедно со ревијалнмата промоција на IMPACT, беше лансирана и новата веб страна каде е објавен и ексклузивниот лукбук за новата колекција, а ќе може да го погледнете на следниов линк.

Во галеријата во продолжение погледнете ја компленто ревијата за IMPACT.

 

Објавено:
29 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.414 пати