На шестиот ден од FWSK дизајнерката Мила Кадриу успеа да не транспортира во ориенталната Индија. Индиските звуци, соодветно одбраната локација, Даут Пашин Амам, кој со својот ентериер пулсираше во духот на една од најстарите цивилизации во светот, ни раскажаа една нова приказна.
На пистата се најдоа модни додатоци, накит, рачни везови, текстури, дизајни, бои и кроеви, кои го отсликаа богатото индиско наследство преточено во дизајнерските силуети на МCouture.
Ревијата понуди едно поинакво искуство и визија на дизајнерката на една култура и традиција која љубопитно ја проследија голем број јавни личности, но и пријатели, поддржувачи и обожаватели на работата на Мила Кадриу.
Елеганцијата и женственоста не изостанаа ниту овој пат, но сепак надополнети со индиска нота, што преку накитот и додатоците, како карактеристичните точки на челото на манекенките, што преку самите креации кои потсетуваа на традиционалната индиска облека.
Кога се материјалите во прашање, застапени беа стандардните за ова ателје - тантела, светкави ткаенини со мат ефект и свила, додека пак од боите доминираа црвената, зелената, бежовите нијанси и класична црна, како и златната, сребрената и бронзената.
Особено внимание привлекоа и венчалните фустани во бела и шампањ боја. Присутните можеа да видат фустани во сирена крој, но исто така и венчаници со панталони и наметка одозгора, кои беа сосема во духот на Индија. Сепак, ако говориме за иновативноста, таа најмногу можеше да се пронајде во идејата и инспирацијата.
По завршувањето на ревијата, дизајнерката не ја криеше возбудата од прикажаното.
- Секогаш ми се допаѓала темата за Индија и мислев дека ќе биде тешко да ја вклопам во моите дизајни, бидејќи негувам малку поинаков стил. Идејата ми дојде на еден концерт, тоа беше пресвртниот момент, и решив да се обидам да креирам нешто во тој дух. Уште од истиот момент кога ја добив инспирацијата, знаев дека Даут Пашин Амам ќе биде адекватно место за презентација на оваа колекција, поради архитектурата и ентериерот, кои најмногу соодветствуваа на мојата идеја - вели Кадриу.
Голем број познати личности ја проследија колекцијата есен-зима 2013/14, меѓу кои и пејачките Верица Пандиловска и Андријана Јаневска.
-Прекрасна ревија, секогаш успева да ме изненади. Да изгледа минималистички, а сепак гламурозно и да го задржи својот стил - изјави Верица.
Андријана Јаневска пак, се појави во црна креација токму на Кадриу.
- На сите поважни настани јас носам нејзини креации, а така е и вечерва. Мислам дека индиската нота беше полн погодок, се надевам дека нешто од оваа колекција ќе искористам и за претстојниот Скопски фестивал.
Со големо внимание, ревијата ја проследија и актерот Висар Вишка со сопругата Елена.
- Го ценам нејзиниот труд, бидејќи секогаш е оригинална. Ми се допаднаа индиските моменти кои направија моделите да изгледаат модерно и убаво. Ми се допадна венчаницата со панталони, но исто така би ги издвоила црниот и црвениот фустан - ни откри Елена.
Водителката Симона Николовска беше дел од атмосферата, па за Fashionel ги сподели своите впечатоци.
-Бидејќи сум љубител на тантелата, би ги издвоила фустаните изработени токму од тој материјал, а инаку сите модели беа убави.
Актерката Амернис Нокшиќи Јовановска ги сподели своите впечатоци од ревијата.
-Многу ми се допаѓаат материјалите, што е најважно за еден модел. Исто така, имаше навистина оригинални модели кои би сакала да ги имам во својот плакар- вели Амернис.
Мила е една од ретките дизајнерки имиња кои се дел од годинешното издание на Модниот Викенд. И покрај слабиот одзив на колегите, Кадриу остана доследна на манифестацијата.
-Јас сум веќе искусна, осма сезона сум дел од FWSK, учествувам од самиот почеток, и сум задоволна. Растеме заедно и стануваме подобри - заклучи дизајнерката.
На утрешниот, претпоследен ден својата колекција ќе ја претстави Александра Митковска, а Модниот Викенд ќе биде затворен со ревијата на Росица Мршиќ.