Со познатата мисла „Шчо напраифме?“ на македонскиот филолог и деец, Крсте Петков Мисирков,младата дизајнерка Стефанија Насеска на неодамна одржаната осма сезона на Моден Викенд Скопје, го постави прашањето преку нејзината дизајнерска порака од креациите, до кое ниво достигна модата кај нас. Прашањето ги опфаќа и заедничкото делување на организацијата на Модниот Викенд, новинарите, блогерите, дизајнерите, односно колку со заеднички сили го поместивме нивото на модата од првата година на одржувањето на манифестацијата кое беше пред четири години до последното издание. Кога прашањето е веќе поставено, барем ние новинарите кои партиципираме на скопскиот Моден Викенд, наша професионална обврска е да ја споделиме својата страна од одговорот, со аргументирани информативни и аналитички компоненти. Fashionel е комплетно насочен кон заживување на македонската мода, затоа се чувствувавме повикани на ова прашање.
Од аспект на одржувањето на континуитет на живоста на македонската модна сцена, секако е добро што го имаме Модниот Викенд, моментално единствен настан во главниот град од тој калибар, пред сè за промоција на работата на македонските дизајнерски имиња кои секоја година ги има повеќе, ја засилуваат македонската модна содржина, но не секој од нив има желба, можности, интерес и амбиција да се промовира преку неговата програма, од различни причини.
Осмото издание на Модниот Викенд Скопје помина во знакот на младите дизајнери, што секако би го сфатиле во позитивен контекст доколку видливо не изостанаа голем дел од веќе етаблираните дизајнерски имиња, со неколку значајни исклучоци и беше преполовен бројот на учесници во однос на изминатите години.
Оваа година бројката се сведе на вкупно 14 учесници, меѓу кои и комерцијални модни брендови. Наместо пропорционално со зголемувањето на присутноста на новите дизајнерски имиња на македонската модна сцена, да се зголеми и учеството на дизајнерите на Модниот Викенд Скопје, оваа сезона имавме спротивен случај. Зошто беше тоа така?
Како одговор на ова прашање, Горан Сиџимовски од организацијата на оваа сезона, вели дека дизајнерите повеќе сакале да се претставуваат со колекции за пролет-лето, отколку за есен зима, затоа имало помалку учесници.
-Во однос на дизајнерите учесници на минатото издание, имаше најголем број - 25, но секогаш за сезоната есен-зима има помал број на учесници, а за пролет-лето се повеќе. Се стремиме кон уште подобра организација и да им овозможиме на сите дизајнери да земат учество во програмата. Младите дизајнери се нашата главна цел и дел од агендата. Се подобривме низ сезоните, иако луѓето од страна можеби не гледаат многу промени, но ние од организација тоа добро го знаеме - вели Горан Сиџимовски.
Со оглед на тоа дека оваа година фокусот беше ставен на младите талентирани и надежни дизајнери, со неколку веќе докажани дизајнерски имиња, сепак недостасуваа етаблирани модни брендови кои изминативе години биле дел од агендата, но не и сезонава.
Дизајнерот Ненад Секирарски во однос на својата одлука да не се претставува на домашниот моден викенд, изјави:
-И оваа година нема да учествувам на Модниот Викенд Скопје. Мојата колекција повторно ја презентирав на Модната недела во Белград, што веќе стана и традиција во моето работење.
Модниот бренд Елена Лука, која до сега во континуитет ја гледавме на Модниот Викенд и со своето присуство го поддржуваше настанот, уште минатата сезона најави дека нема да учествува и јавно изјави дека тоа е поради недостатокот на организациска, просторна и техничка поддршка од страна на организаторите што се рефлектира и на репрезентативниот квалитет. Исто така, Елена Лука ги потенцираше и проблемите со условите за седење за публиката и несоодветното следење на модните ревии, како и тоа дека како голем моден бренд со голема екипа ги воочуваат инфраструктурните проблеми и лошата организација.
И Кокев оваа сезона не беше дел од програмата на Модниот Викенд.
-Јас си го поддржувам модниот викенд и ми се допаѓа што и ние имаме Моден Викенд, затоа што модата си доби свој настан. Што се однесува до организацијата, сметам дека има уште многу, многу да се работи. Ова сепак не е нивото кое ние дизајнерите и публиката и вие новинарите треба да го консумираме. Сметам дека можеме многу повеќе од ова што го правиме во моментот. Годинава решив да направам самостојна ревија, токму затоа што сакав мојата ревија да ја ставам на едно повисоко, подобро ниво. Сакав да направам подобра организација, затоа што како што реков и претходно сметам дека тоа може да се направи многу подобро. Па ќе видиме, тоа ќе биде мојата прва самостојна ревија.
За пофалба е што оваа година епицентарот на модните случувања беше донесен во центарот на Скопје, што изминативе години не беше случај и претставуваше реален проблем.
Катната гаража се покажа како добар избор на локација. Понуди чист, отворен и модернистички простор со доволна големина и соодветно светло со што и креациите на дизајнерите можеа да се видат убаво. Меѓутоа, токму поради специфичноста на просторот, истиот можеби повеќе одговараше за одреден тип на колекции, но не доволно и за оние кои сакаа да презенираат гламур. Дел од дизајнерите се одлучија своите ревии да ги прикажат во друг амбиент. Ако Даут Пашин Амам се покажа како фин избор поради севкупната приказна на Кадриу, перформансите на Митковска и Мршиќ потфрлија поради несоодветниот простор на Музеј на град Скопје. Иако просторот сам по себе е во ред, за оваа пригода се покажа како нефункционален и мал, односно премногу голем во едниот случај. Но, она што беше заедничко и на двете ревии е што гостите беа приморани да ѕиркаат за да ги видат моделите кои секако го следат препознатливиот стил и сензибилитет на дизајнерите.
Токму за овој проблем – просторот, разговаравме и со портпаролот на Модниот Викенд Скопје, Марија Илиќ, која изјави дека следната сезона ќе се погрижат тоа да не се повтори.
„Веројатно, она што нам ни треба, со оглед на тоа дека публиката се зголемува од година во година, е дефинитивно поголемиот простор. Од организациски аспект можам да кажам дека сме задоволни како помина сè, иако секогаш може малку подобро. Се трудиме од сезона во сезона тие недостатоци што ги гледаме да ги поправиме во следната. Што се однесува до бројот на посетители можеме да кажеме дека нашите очекувања на големо се надминаа“, вели Илиќ за Fashionel.mk.
Што се однесува до прикажаното во однос на колекциите, може да се рече дека ова беше просечна сезона. Имаше за секого по нешто, од урбани стилови, до елганција, но иновативноста затаи. Веќе етаблираните дизајнери кои оваа година земаа учество во континуитет, останаа доследни на својот препознатлив стил и ја надоградија својата дизајнерска приказна, додека младите покажаа амбициозност и изненадија со својата дизајнерска визија, секоја спакувана во различна специфична форма.
Дека македонската модна сцена има уште многу чекори за одење, за да се мери барем со регионот, е претставувањето на колекции една сезона поназад. Нашите дизајнери претставуваат колекција за тековната сезона наместо за следната, со чест на исклучоци кои велат дека промовирање на колекција за тековната сезона е задоцнето, но ја покажува и ситуацијата дека модата кај нас сè уште не е бизнис. Токму дизајнерот Никола Петровски и дизајнерката Александра Митковска на ова издание на Моден Викенд Скопје, се претставија во чекор со светските текови и промовираа колекции пролет-лето.
-Одлуката да претставам колекција пролет-лето беше поради тоа што сезоната есен-зима е веќе започната и сметам дека претставување на колекција за моменталната сезона е задоцнето, вели дизајнерот Петровски.
Митковска пак проблематиката ја гледа сосема на друга страна и суштината ја наоѓа во тоа дека кај нас модата сè уште не е сфатена сериозно.
-На Балканот модата е шоу, а не бизнис, значи сосема обратно, треба да размислуваме и делуваме сосема поинаку, само не како што се сфаќа кај нас. Веројатно немаме добра продукција и организација од страна на дизајнерите и менаџерите на модните настани, за да можат да презентираат сезона понапред колекции и тоа да им се исплати. Веројатно тоа е причината што доцниме и не се претставуваме редоследно како што треба, објаснува Митковска.
Иако медиумите би требало да имаат соодветно место за проследување на настанот, тоа на ова издание беше проблем. Местото за медиумите се менуваше во согласност со бројката на гостите. Така, ако салата беше преполна, новинарите стоеја. Односно дел од нив, оние што не се медиумски покровители или пак не се во соработка со организацијата. Или пак, доколку на модното шоу немаше доволно посетители, тогаш не само што сите новинари беа сместени, туку и дел од манекенките можеа да ги проследат ревиите. Во тој дел организацијата сериозно потфрли. Имаше и ревии, односно перформанси каде ниту посетителите не можеа да ги видат ревиите, а ниту медиумите, па и покрај полупразната сала, нивниот број беше ограничен. Медиумите се сериозен учесник во градењето на целината на модниот пазар секаде во светот и токму затоа се посветува исклучително внимание во однос на техничката организација и начинот на кои тие ќе бидат третирани, за на крај да се добие квалитетна содржина.
Составот на публиката се менуваше во зависност од дизајнерот кој ја презентира колекцијата. Оваа година забележително беше поголемото присуство и на модните блогери, но од друга страна не видовме многу јавни личности кои често соработуваат со дизајнерите, а недостасуваа и такви кои би купиле дизајнерско парче без двоумење.
Присутни беа од навистина дотерани гости, што знаат да го почитуваат настанот, до гости на кои Модниот Викенд им беше шанса за експериментирање, и тоа неуспешно, што секако укажува на тоа дека се уште треба сериозно да ја градиме нашата модна култура.
Манекенките кои ги гледавме на пистите ни се веќе добро познати лица кои неколку сезони наназад ги презентираат модните парчиња на дизајнерите. Секоја чест за оние кои професионално ја извршуваат својата обврска и навистина може да се пофалиме со неколку кои заслужуваат да газат по светските модни писти, но недостасуваат и нови лица кои ќе донесат нова енергија и динамика во дизајнерските промоции.
Како шлаг на модната „торта“ беше одржаната модна дебата од последниот ден на Моден Викенд, на која присуствуваа неколку дизајнери, блогери и новинари кои повеќе или помалку се професионално засегнати и пишуваат за македонската мода, но тема за почеток на дискусија беше модната критика.
За модата од витално значење е постоењето на критичката мисла, се согласија учесниците на модната дебата. Но дискусијата на модните новинари кои се пофалија со своето 30 годишно искуство не одговори на клучните прашања. Што е сменето во изминативе години на македонската мода, колку е стабилен нашиот систем на модни вредности, кои се вредностите во Македонија кои го прават едно дизајнерско дело оргинално и успешно, кои се темите околу кои гравитира современото креативно творештво, што влијаело на прагот на очекување кој го има публиката, дали владее едноумие во вредносниот систем и дали постојат модни револуционери?
Куриозитетен момент е тоа што единствен репер за вредноста на модното дело е публиката која пак, своите вредносни судови ги креира надвор од рамките на македонската мода, а на која влијаат општествените настани, текови, релации, како и странската модна сцена. Затоа, апсурдно е новинарите кои се изнесуваат како модни професионалци, години наназад да не произнесат јавно свој став и да бараат виновници за тоа.
Како медиум и новинари силно ја подржуваме македонската модна сцена и обидот за нејзин развој. Модниот Викенд заслужува да се развива во чекор со светските текови, а за тоа е потребна сериозна посветеност од сите страни, инволвирани во градењето на позитивно сценарио и светла иднина на домашната мода. Можеби не би требало да се форсира на седум или осум дена. Нашиот Моден Викенд може да трае и пократко, но да биде исполнет содржински. Сепак, сите повеќе сакаме да видиме квалитет отколку квантитет. На крајот, сите сакаме да имаме квалитетен домашен производ.