Деветтата сезона на FWSK во знакот на балансот меѓу комерцијалното и експерименталното

9 април 2014

Деветтото издание на Моден викенд Скопје кое започна со маскенбал, заврши во недела со ревијата на младата дизајнерка Росица Мршиќ. Во петте дена колку што траеше претставувањето на она што дизајнерите го понудија како тренд за пролет-лето 2014, односно есен-зима кај двајца од учесниците, имавме можност да видиме 11 модни ревии и шест модни перформанси.

Сите креации на кои се работеше изминатите неколку месеци според  можностите, амбицијата и замислата на искусните и помалку искусните учесници, веќе се целосно промовирани, а импресиите од истите секако доаѓаат на самиот крај.

kolaz sreda slobodanka-01

Може да се рече дека ова издание го карактеризираат контрасти, не само во однос на дизајните и квалитетот туку и во поглед на квантитетот. Така, во изминатите денови од една страна видовме издржани ревии, со голем број на креации и комплетна изработка на модни додатоци како оние на Елена Лука со најголем број - 49 модели на писта или Росица Мршиќ и Мила Кадриу, додека од друга страна видовме и групни ревии и перформанси со по  неколку презентирани креации. Но, токму поради бројот на комбинации во овие мини односно капсулни колекции понекогаш не беа доволни да се почувствува сензибилитетот и развојот на приказната на дизајнерот.

Тоа пак, од сезона во сезона покажува колку на посакуваната реализација на амбицијата и прскосат финансиите и условите на изработка, што потоа влијаат и врз квалитетот, кој не беше чест случај.

Оваа  сезона ќе остане впечатлива и по потрагата по автентичноста и балансот помеѓу комерцијалното и експерименталноста.  Дел од перформансите во кои експерименталноста беше ставена во центарот, покажаа креативност, но не и практичност, па и самите млади дизајнери ги окарактеризираа како неносливи. Со ваквиот начин на презентација тие внесоа  еден вид новини во ова издание, но исто така, тоа беше начинот на кој ние се запознавме со нив како имиња, имајќи предвид дека се уште трагаат по вистинската насока.

Токму таа шареноликост од дизајнерскиот пристап понуди за секого по нешто, од урбани и формални стилови, до елеганција, но најмногу се истакнуваше ретро инспирацијата од 70-тите, 80-тите, 90-тите и бохо изгледот на нежна и кревка девојка и жена, секоја спакувана во различна специфична форма. Трендот на лесна и покомотна силуета, пософистицирани кроеви, какои весели колоритни принт парчиња од природни материјали, генерално ги карактеризираат спецификите на применетите текстури и техники.

Оливера Штакоска Оливера Штакоска

Во оваа насока, дебитантската ревија на Оливера Штакоска, дефинитивно ни остави голем впечаток поради оригиналниот и автентичен пристап кон инспирацијата од ретро боемскиот стил, за кој како што веќе рековме, повеќето се одлучија, но нејзината модна приказна остана запаметена како комплетна.

Уште една заедничка нишка помеѓу прикажаните модели на различните дизајнери беше употребата на принтови. Но, не само што беше забележано нивното зголемено присуство, дизајнерите ги применија трендовите од светските метрополи, па одлучија да направат спој од повеќе различни принтови, што во повеќе наврати се покажа и како успешно.

kolaz print

За разлика од претходната сезона кога модните додатоци беа реткост, оваа имаше побогата понуда. Дел од дизајнерите понудија свој производ  кога е и оваа гранка во прашање, а некои се одлучија за соработка со други комерцијални брендови. И додека на едни се воодушевуваме и беа сосема оригинални и компатибилни со моделите, другите нецелосно ја пренесоа својата приказна поради аксесоарите кои беа демоде.

kolaz dodatoci

Имаше и такви, како на ревијата на Лидија Георгиева, каде што видовме различен избор на обувки на писта, па дури и ролери, но кои сосема придонесоа за успешно презентирање на нејзината замисла за лелеавост, леснотија при движењето и допирот со ангелски крилја. За пофалба беше и интересниот метален накит, кој исто така беше иновативен и со футуристичка нота.  Според реакциите на публиката, полн погодок и новитет кој лесно се прифати се и апликациите од тантела за коса присутни на ревијата на брендот Елена Лука.

Но, кај други видовме и аксесоари веќе видени и кај кои сосема недостасува иновативноста.

kolaz cevli

Во однос на фризурите, за разлика од минатото издание, видовме поопуштени и лелави фризури. Па така, најчесто застапен беше трендовскиот патец на страна, плетенките, коњското опавче со многу волумен, но и оние во секојдневни и строги залижани форми. Во согласност со сезоната пролет-лето, шминката тежнееше кон природниот изглед, тренд што го сретнавме и на светските модни писти. На дел од ревиите беше присутен и ефектот на зачадени очи во подискретна варијанта, што е еден од трендовите што речиси не излегуваат од мода. Кај перформансите беше забележана театрална шминка, што и соодветствуваше со претставувањето.

kolaz kosa

Самокритиката дека секое реализирано дело може да биде подобро, е главната референца по која организаторите велат дека се водат секоја година од сезона во сезона, водејќи се  од претходните недостатоци и тежнеејќи кон нивна елиминација.  Квалитетната модна содржина пак, е нишка што полека се создава со заедничка продуктивна инволвираност буквално на сите што на некаков начин ја создаваат модната слика пред публиката. Освен некои од новинарите, таа публика  пак е толку варијабилна без конкретна константна постава што ќе го следи и гради континуитетот.

Во овој контекст ја прашавме и Марија Илиќ, дел од организацијата и лице за односи со јавност на Моден викенд Скопје, какви се нивните впечатоци по завршувањето на ова издание на специјализираниот настан:

-Доколку дизајнерите и публиката се задоволни, тогаш нема потреба ние да не сме задоволни. Неколку пати ми го поставуваат ова прашање и секогаш одговарам дека најдобро е да зборуваат другите, дали било нешто добро или не. Свесни сме дека не може да има само позитивни критики, туку мора да има и негативни, за да не стимулираат, да бидеме подобри и да го елиминираме од сезона во сезона, она што може да се подобри. Оваа година имавме неколку етаблирани имиња, но имавме и многу млади дизајнери за кои допрва треба да се слушне. Моден викенд Скопје секогаш се труди да им даде предност, да ги мотивира и да им ги покаже на публиката. Сметам дека имаше многу млади креативци,  докажаните покажаа зошто се таму каде што се на македонската модна мапа. За мене големо изненадување беа младите дизајнери на ЕУ, ги надминаа моите очекувања, а такви коментари слушнав и од публиката. - вели Илиќ.

Марија Илиќ Марија Илиќ

Се на се, организацијата оваа година отиде чекор понапред, која иако беше со благи вибрации, сепак ги почуствувавме.  Иако од досегашното искуство, од организацијата велат дека вообичаено бројот на учесници за оваа сезона е поголем од оној за сезона-есен зима, од презентираното не би се согласиле. Младите дизајнери доминираа, но она што недостасуваше е поголем број на етаблирани модни имиња. Оваа година присутните имаа можност да видат и изложбен салон, кој исто така беше еден од новитетите за пофалба, особено што беше уште еден начин македонскиот дизајн да се доближи на љубителите на домашната мода.

После куса пауза, од организацијата се подготувааат за 10-то издание на оваа манифестација, која ќе се одржи во октомври. Се надеваме дека  јубилејното издание ќе биде уште поуспешно од ова, со богата и квалитетна програма и интересни модни приказниа кои ќе ја привлечат не само домашната публика, туку и љубителите на модата од регионот, а со тоа и потенцијални купувачи на македонскиот дизајн.

Објавено:
9 април 2014
Категорија: 
Стории