Проблемите и предностите на македонската модна сцена низ призмата на дизајнерите

30 октомври 2014

Откако ги сумиравме импресиите по завршувањето на ревијалниот дел на десеттата сезона Моден викенд Скопје, со дизајнерите-учесници поразговаравме за поинаквите аспекти што ја тангираат модната сцена и имаат рационална вредност во нејзиниот перманентен прогрес и усовршување. Отворивме прашања кои се поврзани со „играчите“ директно инволвирани во македонската модна индустрија: покрај самите дизајнери, тоа се и нивните клиенти, македонскиот пазар на потрошувачи, медиумите, како и платформата која оваа година по десетти пат обедини дел од македонската дизајнерска фела, Моден викенд Скопје.

Фокусните точки на нашиот разговор се сведуваат на четири основни теми:

  • Менталитетот на домашните купувачи и колку тие се во допир со македонскиот дизајн
  • Искуствата на македонските дизајнери во однос на продажбата на претходните колекции
  • Медиумскиот третман на македонската модна сцена
  • Нивните впечатоци од Моден викенд Скопје и сугестии што би требало да се промени за прогресивен развој

 

Менталитетот на домашните купувачи и колку тие се во допир со македонскиот дизајн

Генералниот впечаток на дизајнерите во однос на македоснките купувачи е дека се' уште главниот приоритет во нивниот гардеробер е на комерцијалните конгломерати и нивното масовно производство. И покрај тоа што секогаш постојат исклучоци кои ја промовираат работата на македонските дизајнери и ги носат нивните уникати, сепак тие се губат во целосната слика која безмалку може да се дефинира како „армија“ на стилски клонови.

Ваквата состојба тие ја посочуваат како резултат на повеќе влијанија: навиките на купувачите, нелојалната конкуренција, недоволната информираност за македонската модна сцена, но и недоволното самопромовирање на дизајнерите.

Креации од последната колекција на Александра Митковска Креации од последната колекција на Александра Митковска

„Полека, на некој начин се наметнуваат и македонските дизајнери и со постоењето на Модниот викенд и со постоењето на Модната недела во Битола. Македонските купувачи повеќе се запознаени со она што се нуди од домашните креатори, но стои она дека, евтината роба што се носи од надвор, нормално е подостапна за поширпокиот круг, но тоа и зависи од дизајнер до дизајнер која му е целта, дали сака да продава пошироко или на помал круг купувачи кои секако се на едно повисоко ниво“, ги сподели своите размислувања на оваа тема Никола Петровски.

Еден од основните аспекти на кои треба да се внимава во немилосрдниот „двобој“ на дизајнерското со масовното производство, е да се остане доследен на себе и на својот дизајнерски сенс без да се прави компромис со глобалните тенденции. Некомформизам.

„ Секој дизајнер да биде оригинален, да не копира за да можат клиентите да одберат нешто што е наше и да знаат да препознаат квалитет пред сѐ“, вели дизајнерката Стефанија Насеска.

Доследноста кон себе и кон оригиналниот дизајнерски пристап ја потенцира и младиот Златко Јовановски.

- Дизајнерите тереба да го следат својот дух и да ги натераат луѓето да ги сакаат такви какви што се. Познавам доста луѓе што носат и купуваат домашен дизајн, но можеби неразиеноста на македонската модна индустрија е најголемиот причинител за таквата состојба.

Дизајнерката Ирина Тошева нагласува дека купувачите треба подобро да се информираат околу предностите на уникатниот дизајн.

„Луѓето треба да ја разберат разликата меѓу масовното производство и дизајн, а кога ќе се погледнат цените може да се види дека и нема некоја голема разлика, со тоа што со дизајнерско парче добиваш уникат. Додека со масовното производство секаде во светот може да сретнете некој со истото парче“, вели Тошева.

За масовното производство пак, проговори дизајнерот Јован Петровски.

„Треба да се смени менталитетот на луѓето, да не купуваат евтини парчиња изработени во Бангладеш или Кина. Производството на истите е токсично. Дури имаше истражување дека парчињата на Келвин Клајн се едни од најтоксичните. Значи не само што се загадува околината, туку лоши е за здравјето на луѓето бидејќи се работи за канцерогени материјали“, алармира Јован.

 

Продажба на колекции и таргет група

Еден од најважните и најквалитетни сегменти на годинешното, десетто издание на Модниот викенд Скопје,  дефинитивно беше креативната работилница со гостите - предавачи од Лондон, меѓу кои и стилистката Ребека Рој и Роберт Кавел Кларк од модната платформа „Not Just A Label“. Покрај другото, тој говореше и за тоа како дизајнерите да ги продаваат своите колекции, но и за тоа како да бидат умешни во промоцијата на истата. Токму на темата „Продажба“, ние поразговаравме и со нашите македонски дизајнери кои годинава претставија свои колекции во рамки на Модниот викенд, кои беа повеќе или помалку расположени да говорат за продажбата на нивните колекции и таргет групата за која творат.

Ниту еден од дизајнерите не сакаше да открие колкав дел од претходната колекција продал, со оглед на тоа што кај нас финансиите речиси секогаш се чуваат како строги, државни тајни. Битолската дизајнерка Лили Кадинска која работи под името “Le Brand“ единствено ја открива нејзината таргет група за која ќе каже дека се движи од 25 па сѐ до 40 години, но не и тоа колку продала од минатата колекција.

„Имам некој определен круг на купувачи кои што го почитуваат она што го правам и ги „конзумираат“ моите производи, вели Кадинска за Fashionel, без премногу појаснување околу продажбата. Подеднакво стерилна беше и новата дизајнерка на македонската сцена Оливера Штакоска, која иако прикажа одлична колекција на пистата, не сакаше многу да разговара за продажбата на претходната.

Најзадоволните дизајнерки од продажбата на претходните колекции и оваа година се младата Стефанија Насеска и афирмираната Лидија Георгиева.

„ Што се однесува до мене, јас секогаш сум задоволна од продажбата. Јас немам таргет група, тој што ќе се препознае во мојата работа, е мој таргет“, вели дизајнерката Лидија Георгиева.

„Можам да ви кажам дека сум многу задоволна од продажбата, затоа што некои 95 проценти од колекцијата се продадени и изработени дури и нови варијанти. Таа беше многу побарувана и затоа и сакав да продолжам на истиот принцип. Сфатив дека тоа им се допаѓа на луѓето, моите клиенти тоа го бараат и затоа сакав да го задржам мојот стил на творење“, вели младата Насеска.

Ексцентрична кулминација на Моден викенд Скопје со колекцијата на Ивана Пиља Ексцентрична кулминација на Моден викенд Скопје со колекцијата на Ивана Пиља

Битолскиот дизајнер Никола Птеровски ќе каже дека претходната колекција почнува сега да му се продава, со оглед на тоа што истата беше наменета за сезоната есен – зима.

„Уште по прикажувањето на колекцијата оваа пролет имаше интерес, набрзо таа ќе биде и надополнета со нови парчиња за оваа сезона, додека за новата ќе почекаме до следната пролет. Таргет група ми се сите оние кои имаат храброст за нешто поинакво, за нешто свежо, за колоритно, бидејќи она што мене ме карактеризира се секако поинтенизните бои и принтовите што ги користам“, вели Петровски.

Дизајнерката Јована Филиповиќ која оваа година прикажа навистина младешка и урбана колекција, вели дека е сосема задоволна од продажбата на претходната колекција, па дури и изненадена од продажбата на парчињата со нејзин потпис.

Александра Митковска пак, вели дека секогаш може подобро. Со оглед на фактот што продава на неколку места и планот што го имала за продажбата на парчињата, дизајнерката е генерално задоволна, а ќе каже дека кај неа најмногу купуваат дамите чија возрасна граница гравитира помеѓу 20 и 50 години.

Дизајнерките од модната куќа за свечени тоалети, Хера, на годинешното издание на Модниот викенд Скопје посочија дека во иднина дефинитивно планираат поголема маркетинг кампања, бидејќи во моментов единствено функционираат преку Интернет. Тие се сосема задоволни од досегашната продажба, за која ќе кажат дека засега е сосема во ред.

Она што може да се заклучи од горенаведеното е дека речиси сите македонски дизајнери се сосема задоволни од продажбата на нивните претходни колекции, иако ќе кажат дека комерцијалните брендови сѐ уште го имаат приматот во нашата земја. Тие посочуваат и на тоа дека менталитетот кај народот полека се менува кога станува збор за купување на парчиња од македонски дизајнери, но и дека шпанските гиганти сѐ уште се едни од главните играчи на модната сцена. Од горенаведеното, она на што тие дефинитивно треба да поработат е нивната храброст и уникатност во парчињата што ќе ги одвои од толпата и секако, промоцијата како еден од најважните сегменти во продажбата на нивните колекции.

 Медиумскиот третман на македонската модна сцена

 Добро познато е дека  од содржините на домашните медиуми, како печатени така и електронски, модата секогаш се третира во делот  од забавните рубрики, иако повеќето дизајнери би се сложиле дека  таа е многу покомплексна  и бара постудиозен пристап , за да се третира од  областа на забавата и шоу-бизнисот. Македонскиот медиумски простор вбројува најмногу медиуми кои на малкуте модни случувања во земјата, им пристапуваат само од информативен карактер. Тоа пак  автоматски се надоврзува на доследноста од нивното дневно известување,  најчесто „зачинето“  со пикантерии , што им носи поголема  читаност-гледаност.

Сепак, значително мал број специјализирани медиуми „гребат“  под површината на македонската мода. Извесен период  се внесе поинаква  енергија од  конструктивно-критички пристап кон колекциите и дизајнот од истите.

Модниот викенд,  на Скопје му се случува пет години, со по две сезони во текот на дванаесет месеци. Тој е единствената модна платформа, која исто како и медиумите е непрекинлив синџир од прогресот на македонската мода,  учесниците на истиот, но и влијаењето кон свеста на публиката за почит и консумирање на домашниот дизајн.

Во периодот кога е сезона за промоции, на настанот може да се сретнат повеќе новинари од медиумски куќи, што тие денови  интензивно  ја поддржуваат и следат македонската мода.  Нивната новинарска експресија оди секогаш според уредувачката политика и отстапениот простор, најчесто исполнет со што повеќе фотографии, а помалку текст.

Во врска со оваа проблематика, поразговаравме со повеќето дизајнери што учествуваа на FWSK, кои повикани на оваа прашање концизно, но резервирано ги искажаа своите ставови. Сепак, дел од нив отворено проговорија дека модните новинари се многу малку, недостига критиката и храброст  за пишување на истата.  Дизајнерите Лили Кадинска, Никола Петровски, Олгица Георгиева, објаснуваат дека се задоволни од пристапот и дека на медиумските третмани не им недостига ниту квалитет ниту квантитет.

„Сметам дека медиумите се добри партнери на дизајнерите и дека секогаш се тука за да ги поддржат и промовираат нивните идеи и она што го прават и верувам дека така и ќе продолжи и во иднина, вели Кадинска, а на истото се надоврзува и Олгица Ѓеоргиева „ Јас во принцип имам одличен однос со сите медиуми. Истретирана сум во целост“, завршува дизајнерката, која за комуникацијата со медиумите има ангажирано и маркетинг агенција.

„Сум задоволен, бидејќи според мене и според оние што следат мода, сепак, прикажувањето на моите колекции буди  интерес кај медиумите“, кратко рече Петровски.

За разлика од нив, сосема спротивно мислење имаа дизајнерките Стефанија Насеска и Лидија Георгиева кои велат:

„Не сум  баш задоволна од медиумите.  Кај нас критичката маса е на ниско ниво затоа што модни новинари има многу малку, како и мал број  портали што следат мода. Што се однесува до телевизиите, не сум многу задоволна, затоа што единствено ако не е интернетот, на телевизија никогаш и не нè прикажуваат млади дизајнери“, вели Насеска.

„Мислам дека медиумите веќе се навикнаа на Модниот викенд Скопје и го следат. Сега има и блогери, весници, сајтови...така што мислам дека модата е доста покриена. Е сега, текстовите се тие што се, но ни недостасива личен коментар од тој што ја видел ревијата, можеби малку повеќе храброст“, објаснува Лидија.

Поделените  мислења се доволен доказ дека постои резервираноста во врска со медиумскиот третман.

 

Моден викенд и учесниците

Покрај организацијата, спонзорите, условите, Моден викенд не може без учесниците. Впрочем тие  се и најважните и без нив оваа манифестација не би ни постоела. Нашата модна сцена е мала, но тоа не ја спречува да се развива, надоградува напреднува. На десеттото јубилејно успеавме да видиме и две ревии на дизајнерки од Србија. Разлика постоеше со оние што ги видовме од домашните дизајнери. Иако гостинките беа отворени да кажат дека се презадоволни од организацијата, како и тоа дека помеѓу модниот викенд во Србија и нашиот речиси и не постои разлика (што во позитивните работи, што во недостатоците), нашите беа генерално задоволни.

 

Тоа од што некој не беше задоволен, не беше гласно кажано. Се стравува од туѓите реакции, не размислувајќи притоа, дека со тоа можеби ќе придонесат за подобрување на единствената модна манифестација од ваков тип кај нас.

Како и да е, ние сепак ги прашавме што би требало да се смени на Модниот викенд Скопје за да биде уште подобар, што би сакале да видат, во која насока да оди, па покрај одговорите дека генерално се задоволни, добивме и неколку поконкретни размислувања.

- Можеби е потребно да се вметнат некои новитети како на пример да се воведе show room, да се донесат повеќе купувачи кои што во Македонија можеби и ги нема толку многу заради малата популација на нашата земја, но можат да се донесат од странство, па да имаат директен контакт со дизајнерите, да се разменат контакти, да се склучуваат договори за продажба на нашите креации надвор од границите на Македонија и слично – посочи дизајнерката Лили Кадинска, која твори зад потписот Le Brand.

Младиот Златко Јовановски посочи на промени во однос на најавувањето и претставувањето на дизајнерите:

„Можеби треба секој дизајнер да има свој каталог и истиот да биде презентиран или објавен на Модниот викенд“, предлага Јовановски.

На Ирина Тошева годинешново претставување ѝ беше шесто по ред. Она што ја радува е сè поголемата посетеност, што верува дека бара и поголем простор.

„Ме радува што од година во година Модниот викендстанува сè поголем, како од организациски аспект така и од аспект на интересот на посетителите. Ова е мое шесто учество и сум презадоволна. Би сакала следниот Моден викенд  да има повеќе место за публика, бидејќи навистина не сакам да ги одбивам луѓето што сакаат да дојдат и погледнат“,вели Тошева.

 

Дизајнерката Јована Филиповиќ која што го отвори годинешново десето издание, посочи дека за да работите на оваа манифестација се сменат и бидат што подобри, првин мора други нешта да се регулираат.

За да се подобри Моден викенд, првин мора да се подобрат многу други работи во државава. Да имаме уште пообучени манекенки, организациските способности да ни се уште поразвиени. Ние дизајнерите уште повеќе да се трудиме. Тоа е нешто што заеднички се гради - заклучи Филиповиќ.

Дизајнерите што за првпат се најдоа на листата на учесници, немаат забелешки и не знаеја што да кажат, веројатно бидејќи не ни знаат што да очекуваат како за првпат. Сепак, не ја криеја возбудата и задоволството што биле дел од манифестацијата. Една од дебитантите на Моден викенд, Инес Шабан посочи дека би можело да се поработи на временската точност во иднина, додека Оливера Штакоска, на која ова ѝ беше второ претставување најде забелешка на осветлувањето во задниот дел од пистата.

Олгица Ѓоргиева не го криеше задоволството поради „мешаната“ соработка со Српската модна недела, потенцирајќи дека Моден викенд се развива во добра насока.

Александра Митковска пак посочи директен проблем:

„Сметам дека настанот треба да е продукциски поиздржан“, изјави дизајнерката.

На претпоследниот ден настапи дизајнерката Лидија Георгиева, една од малкуте модни ветерани на годинешното издание. Непосредно пред ревијата во Скопје, дизајнерката ја презентираше дел од својата работа на Serbia Fashion Week, па со оглед на искуството, упати совет.

„Треба да учиме. Ни недостасува малку самокритика, секогаш може да се биде подобар, јас сѐ уште сакам да бидам подобра, а камоли тие што почнуваат“ - вели Георгиева.

Десеттата модна приказна заврши. Колку ова што го споделија соговорниците со нас ќе им помогне на организаторите на оваа модна манифестација, како и на учесниците на следното издание, останува да се увериме.

Објавено:
30 октомври 2014
Категорија: 
Стории