Доминација на геометријата и познатиот сензибилитет на дизајнерите на четвриот ден на FWSK #1

27 октомври 2014

Четвртиот ден на Моден викенд Скопје, беше богат со различни модни изрази и презентации. Посетителите имаа можност да погледнат и уживаат во дури осум ревии. Вечерта ја отвори гостинката од Србија, младата дизајнерка Марина Миќановиќ, за потоа да ги видиме модните шоу-а на Le Brand, Стефанија Насевска и Никола Петровски, за кои ќе имате можност да прочитате во овој прв дел од текстот.

Оливера Штакоска беше следна, по што следеа термините резервирани за Инес Шабан и Флутора Дедиња, кои се претставија за прв пат на нашата модна манифестација. Вечерта ја затвори афирмираната домашна дизајнерка, Лидија Георгиева. За тоа како помина втората половина на вечерта и колекциите на споменатите дизајнери, ќе прочитате во второто продолжение на текстот.

Марина Миќановиќ

Марина Миќановиќ

Стартот на вечерта беше одличен. Младата српска дизајнерка ни остави голем впечаток, претставувајќи модели кај кои доминираа геометриските фигури и асиметричноста, што може да се насети и од самиот наслов на колекцијата - Rhythm Of Asymmetry. Чистите форми и кроеви, во комбинација со испреплетените  ленти, како и употребата на брокатот и барокните мотиви на материјалите во црна, бела и златна боја и одличната изработка, и' дадоа на колекцијата елегантен и луксузен изглед. Трендот на здолништа со висок струк во комбинација со топ-блузички со квадратен отвор позади, беше доминантен и во оваа колекција, а видовме и фустани со модни додатоци во вид на мали ременчиња, што внесоа и малку футуристички дух. Колекцијата беше збогатена и со  панталони со висок струк, долги елеци со високи јаки...

Марина Миќановиќ

-Во колекцијата користев многу асиметрија и со самото тоа таа е малку поразлична и малку отскокнува од онаа класичната форма на еднаквост. Геометријата уште откако студирав, некако многу ми беше интересна и обожував да ја поврзувам со архитектурата и слично. Конкретно, акцентот на колекцијата го ставив на асиметријата и иако е малку необична и истата е мошне нослива - објасни дизајнерката.

Таа не ја криеше возбудата за посетата и претставувањето во Македонија, а направи и мала споредба со модната недела во Белград.

Марина Миќановиќ

- Прв пат претставувам колекција во Македонија и навистина ми е многу драго поради тоа. Некои сакаа ова да се случи и порано, но ете, токму сега се оствари. Што се однесува до двете модни манифестации, во принцип, токму тоа и го коментирав со пријателката која е организатор на Модниот викенд во Србија, дека и нема многу голема разлика, за што мене ми е многу драго. Со оглед на тоа што иако сме од различни држави, некако има многу сличности и паралели и во смисла на организацијата и на локацијата, така што многу е слично и многу ми е мило што се претставив во Скопје,каде се почувствував како дома - ни изјави Марина.

Le Brand

Le Brand

Геометриските форми и асиметријата беа дел и од колекцијата на Лили Кадинска односно Le Brand, за пролет-лето 2015 година. Во првиот дел од ревијата доминираа строгите форми, здолништа на преклоп со длабок отвор, А-кројот. Во вториот дел од ревијата пак, беа претставени плисирани здолништа и фустани, што на колекцијата и' дадоа и ретро нота. Дел од креациите беа едноделни, иако првиот впечаток би бил дека станува збор за две парчиња. Трендовскиот пеплум беше исто така присутен кај дел од моделите. Џебовите како моден детаљ беа присутни речиси кај сите креации. Белата боја доминираше, а еве и зошто:

Le Brand

-Колекцијата пред сѐ беше инспирирана од минимализмот и од филмската естетика на култниот филм „Пеколниот портокал“ на Стенли Кјубрик. Во колекцијата преовладува белата боја, но во процесот на креирање ги вметнав и портокаловата и темно виолетовата боја за да се разигра целата колекција. Линијата на парчињата е строга, има многу геометриски форми кои што пред сѐ имаат естетска намена. Во принцип користев тврди материјали, вискоза, памук со мал процент на ликра - објасни Кадинска.

Таа додава дека оваа колекција ќе биде пуштена во продажба, истата ќе  ја промовира и на Битолскиот моден викенд, а за тоа дали ќе биде претставена и надвор од Македонија, вели дека за сега нема посериозни планови на тоа поле, но не ги ни исклучува.

Le Brand

На прашањето, како е задоволна од Модниот викенд Скопје и што треба да се преземе за што поквалитетна манифестација, дизајнерката вели:

-Можеби е потребно да се вметнат некои новитети, како на пример, да се воведе show room, да се донесат повеќе купувачи кои што во Македонија можеби и ги нема толку многу, поради малата популација на нашата земја. Но, можат да се донесат од странство, па да имаат директен контакт со дизајнерите, да се разменат контакти, да се склучуваат договори за продажба на нашите креации надвор од границите на Македонија и слично - смета Кадинска.

Стефанија Насеска

Стефанија Насеска

Со звуците од „Бушавата азбука“, Стефанија Насеска ја најави разиграната презентација на колекцијата на писта. Младата дизајнерка стана препознатлива по тоа што нејзините колекции секогаш содржат натписи. Така беше и овој пат. Насевска не се оддалечи од азбуката, па така видовме парчиња со букви и натписи како „Ти си мојата азбука“ и „Ти си мојата кирилица“. Волуменозните здолништа беа едни од парчињата што доминираа, како и парчињата во риги. Она што ни се допадна е играта со бои, односно колор-блок парчињата.

Стефанија Насеска

Дизајнерката со нас ја сподели инспирацијата и сите оние размислувања што ја натерале повторно да направи колекција со порака.

- Колекцијата е насловена „Азбука“ и сметам дека треба да се искоренат сите оние квази дизајнери и квази уметници со цел да се стави стоп на сето она што го работат тие. Сметам дека со нивната работа ја навредуваат модата, а колекцијата го носи името „Азбука“  токму поради тоа што треба да се огледаат на едно прваче кое прво ја учи азбуката, а потоа се описменува и после тоа се стекнува со целото останато знаење. Така и за модните дизајнери, така и за останатите уметници, мораат да ги поделат по сегменти работите и треба едноставно да почнат од нула, односно од буквата А - објаснува Насеска.

Стефанија Насеска Стефанија Насеска

Таа додава дека материјалите што ги употребила се претежно италијански и од холандско потекло, бидејќи сакала квалитет.

-Користев кепер на памучна база, волна, памук и гледав материјалите да бидат воглавно природни, затоа што тоа кај нас најчесто се бара - изјави дизајнерката.

На прашањето, зошто се одлучи да создаде колекција слична на претходната, таа вели:

Стефанија Насеска

-Со оваа колекција не сакав да направам некоја поголема отстапка од претходната, затоа што сакав да почнам да ја творам онаа ангажирана мода. Веќе сум на почетоците од причина што сметам дека треба да се покренат некои прашања и затоа сакав да биде слична на претходната, да носи некоја порака. Кроевите се едноставни, преовладува разиграноста во боите и сето тоа е мој печат и сакам да продолжам во тој стил.

Од Модниот викенд генерално е задоволна, само потенцира на тоа дека треба постојано да се трудиме и надоградуваме:

Стефанија Насеска

-Во моментов не би можела да кажам дека би требало нешто да се промени на Моден викенд Скопје, едноставно да има поголем публицитет, повеќе застапени медиуми. Не дека нема - има, има и купувачи, организаторите се трудат многу, годинава можевме да ја видиме и Ребека Рој, но сепак треба да се работи - смета дизајнерката, која најавува и нова фотосесија со младиот фотограф Бранко Михајловски, за истата колекција.

Никола Петровски

Никола Петровски

И дизајнерот Никола Петровски остана доследен на својата естетика. Тој ја претстави колекцијата за пролет-лето 2015, која во многу нешта не' потсети на онаа за пролет 2014. Така, повторно видовме шарени принтови, фустани насликани со маслена техника, како и мокри коси кај манекените и босите нозе. Сината боја доминираше, како и боите на зајдисонцето. Петровски прикажа и неколку парчиња за мажи, како бомбер металик јакни, комбинирани со куси панталони до колена, кошули со летен принт...

Никола Петровски

-На некој начин, оваа е блиска до онаа од минатата година за сезоната пролет – лето 2014, и оваа е за следната сезона, односно за пролет/лето 2014 – 2015 година. Инспирацијата за разлика од последниот пат е повесела и доаѓа токму од одморот што летоска го поминав со моите пријателки во Словенија и на Истра во Хрватска. Инспирација се сите моменти на задоволство што ни ги овозможува еден летен одмор, едно уживање покрај море, уживање во зајдисонцето, вечерните дружења со пријателите, посетата на некое ново егзотично место. Јас сето тоа го споив со фотографиите што ги гледавте во позадина што јас ги направив на одморот. Речиси цела колекција е изработена од памучни материјали, и само неколку, односно последните две здолништа и еден фустан се од жоржет - објаснува Петровски.

Никола Петровски

Ова беше негово четврто учество на оваа наша модна манифестација, па на прашањето во која насока би сакал да се движи Моден викенд, вели:

-Со оглед дека ова ми е четврти пат да настапувам, сѐ ми е познато и на некој начин знам што ме очекува, па и немам изненадувања - изјави скромно дизајнерот.

Во продолжение погледнете ги фотографиите од првите четири ревии, а наскоро ќе можете да го погледнете и остатокот, како и освртот за ревиите од вториот дел од маратонскиот четврти ден на Моден викенд - Скопје.

Објавено:
27 октомври 2014
Категорија: 
Колекции