Вториот ден од ревијалното претставување на седмата сезона на Битолската модна недела беше резервиран за битолскиот дизајнер Никола Петровски кој пред домашната публика претстави две свои колекции, едната за актуелната сезона пролет-лето 2014 и втората за сезоната есен-зима 2014/15, што пред само неколку дена ја промовираше и пред скопската публика во рамките на Модниот викенд Скопје. По неговото претставување моден перформанс одржа и модната дизајнерка Стефанија Насеска за најновата пролетна колекција насловена „Револуција“.
Летната линија, што Петровски ја презентираше на минатогодишниот Моден викенд во Скопје, насловена „Љубов“ ги разгоре емоциите кај Битолчани. Моделите беа разиграни, шарени со интересен спој на различни принтови и цветни дезени, со едноставни и чисти линии на кројот, инспирирани од филмските романтични педесетти и шеесетти години од минатиот век.
„Искрено не ја сакам зимата и затоа се инспирирав од летот, дури и во зимските колекции знам да вметнам нешто летно. Околу инспирацијата за колекцијата тргнав од самиот себе, ги обожавам цветните дезени, така да не е нешто ново за мојот дизајнерски сензибилитет“, открива дизајнерот.
Петровски инспирацијата за зимската колекција ја црпи од летото, па така во еден подискретен пристап носталгијата кон топлото време ја долови со маслинести ситни цветни принтови, аплицирани на лесни и транспарентни материјали.
„Оваа колекција е на еден начин продолжение на претходната. Инспирацијата овој пат е љубовта, но на еден нов начин. Љубов која си заминала и по која се пати. Јас секогаш користам природни материјали. И овој пат беше така. Во колекцијата моделите се главно изработени од памук, волна или нивна мешавина со полиестер, вискоза и бел лен“ завршува Петровски.
Изгледа дека дизајнерката Стефанија Насеска, сака нејзните колекции да носат некаква инвентивна порака. Па така ако минатата сезона не праша „Шчо напраивме“, за оваа пролет-лето сезона дизајнерката не „соочи“ со пораката tete-a-tete. Колекцијата се одликува со едноставни дневни креации, како кратки топови, молив здолништа, кратки фустанчиња, елеци, палта и комбинезони. Парчињата изобилуваа со контрастни цветни принтови, во бела, жолта, зелена и металик сребрени нијанси.
„Оваа колекција е рачно обоена, дел од материјалите се рачно фарбани, а принтовите се рачно печатени. Се надевам на 100% продажба“, вели дизајнерката.
Програмската шема вечерва повторно ќе помине во знакот на модата, а свои модни шоуа ќе имаат Славица Котевска и гостите од Скопје Ивана Величковиќ и 3Пи Позитив, како и креаторката со полско потекло Катерина Мукрут, која што специјално на битолската публика ќе и ја претстави колекцијата „Cloudy city“.