„Ѕирнете“ што подготвуваат македонските дизајнери за претстојниот FWSK (прв дел)

12 март 2014

Во пресрет на деветтото издание на Модниот викенд Скопје кое ќе се одржи од 1-ви до 6-ти април, како и претходната сезона, Fashionel повторно прави предверемен преглед на дизајнерските колекции кои ќе бидат презентирани во рамките на настанот. Во неколку продолженија, ќе имате можност однапред да се запознаете со новите тенденции кои ги најавуваат домашните дизајнери.

Дизајн од новата колекција на Мила Кадриу

Fashionel успеа да „ѕирне“ во нивните ателјеа и да ви пренесе дел од работниот амбиент за време на подготвувањето на колекциите, како и атмосферата за време на сликањето на новиот каталог на FWSK. Позборувавме за правецот во кој ќе се движат новите дизајнерки линии, за боите кои ќе доминираат, за инспиративниот стимул во создавањето на приказната, формите и дезените, за новата енергија која ќе преовладува на писта...

 

 Мила Кадриу: Парчињата оваа сезона се малку поразлични од минатите, доста посмирени и не толку свечени...

Дизајнерката која веќе неколку сезони наназад во континуитет ги презентира своите колекции на Модниот викенд Скопје, Мила Кадриу, годинава настапува со поразличен концепт и во однос на локацијата каде ќе ја претстави новата линија и во однос на стилот на истата.

Дизајн од новата колекција на Кадриу

„Најновата колекција на MCouture пролет-лето 2014 ќе ја презентирам на 5-ти април во ботаничката градина Хорти Експерт. Колку што ми е важна колекцијата исто толку ми е важен и просторот каде ќе биде презентирана, според мене само така ќе биде доловен комплетно концептот на самата таа колекција, ова не е само презентирање туку е модно шоу. Fashion and brunch ќе биде наречен настанот на 5-ти април. Се е планирано и адаптирано според просторот, нема да има класична писта туку подинамично движење на манекенките “, вели дизајнерката.

Парче од новата колекција Парче од новата колекција

Пролетната колекција на Кадриу ќе добие поинаков израз, во однос на нејзините претходни модни линии.

„Парчињата оваа сезона се малку поразлични од минатите,  доста посмирени и не толку свечени. Формите се поизразени, но врз транспаретни ткаенини, силуетата е покомотна, но сепак ѕирка, доминираат црно белите комбинации врз шарените свили, помеѓу нив се појавуваат кремастата, розевата и јоргованот како освежување, тантелата е застапена делумно!“, заокружува Кадриу.

 

Никола Петровски: Љубов насликана на сликарско платно…

Меѓу македонските дизајнери кои ни покажаа дел од она што ќе можеме да го видиме на овогодинешниот Моден викенд Скопје, е и битолчанецот Никола Петровски кој за следната сезона ја слави љубовта како инспирација. Неговата нова колекција за сезоната есен-зима 2014/2015 година, го носи името „ART LOVE LIFE LIFE ART LOVE LOVE LIFE ART“.

Парчиња од новата колекција на Никола Петровски за време на сликањето на официјалниот каталог на FWSK Парчиња од новата колекција на Никола Петровски за време на сликањето на официјалниот каталог на FWSK

„Инспирацијата за оваа колекција е љубовта како инспирација, како движечка сила, како порив, како страст за создавање уметност. Љубов насликана на сликарско платно. А од платното со љубов сошиена облека, за да ти ја топли душата кога љубовта си отишла. Љубовта како секојдневие, уметноста како живот“, ни појаснува Петровски.

Во неговата колекција за сезоната есен/зима ќе преовладуваат потемни бои и шари како од сликарски платна, а како што ни открива дизајнерот, повеќето од моделите се и рачно досликани.

„Формите на моделите се инспирирани од 70 - тите и 90 - тите години од минатиот век, а материјалите се претежно природни (волна, памук, лен) или мешавина со вискоза, полиестер или ликра“, открива Петровски, додавајќи дека сите модели од колекцијата се наменети за луѓе со слободен дух, храбри и сигурни во себе.

Креативниот дизајнер се надева дека и оваа колекција ќе наиде на добар прием кај публиката и ќе предизвика интерес како и претходната и тоа не само кај нас, туку и кај некои светски модни интернет портали.

„Неколку дена по прикажувањето на Модниот Викенд во Скопје, новата колекција заедно со колекцијата за пролет-лето 2014 ќе бидат претставени и пред битолската публика на отворањето на Битолската Модна Недела“, вели за крај дизајнерот.

 

Елена Спасовска: Приказна која почнува како кабаре, но на крајот завршува како циркус...

Интересен перформанс и колекција на претстојниот Моден викенд Скопје најавува и младата дизајнерка Елена Спасовска. Таа за колекцијата пролет/лето 2014 се инспирираше од едно нереално општество во кое спектаклот служи како комплексно оправдување дека лагата всушност е вистина.

Дизајн од новата колекција на Елена Спасовска, сликање за официјалниот каталог на FWSK Дизајн од новата колекција на Елена Спасовска, сликање за официјалниот каталог на FWSK

„Токму затоа колекцијата е наречена „Спектакл 2014“ и оваа година ќе биде претставена преку перформанс , во кој девојките од балетското студио „Ултра“ во кореографија на Александра Димитриевска ќе ни раскажат приказна која почнува како кабаре, но на крајот завршува како циркус“, вели Елена.

Кога се боите во прашање, во оваа колекција ќе доминира црната боја во комбинација со (nude color) бојата на кожата.

„Ефектот на прозрачност, тантелата и ресите ќе придонесат за текстурата, а „owersize“ кроевите за драматичност во изгледот. Деталите и аксесоарите со реси и тантела, ќе помогнат изгледот на моделите да биде комплетен“, објаснува дизајнерката.

На крајот, таа порачува дека колекција е наменета за сите жени кои сакаат да се чувствуваат удобно во својата облека, но и да се истакнат во толпата.

Прегледајте го и вториот дел од прегледот.

Објавено:
12 март 2014
Категорија: 
Актуел