20 македонски дизајнерски имиња ќе настапат на 9-тото издание на FWSK

7 март 2014

katalog-kolaz

Деветтото издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи во првата недела од месец април, поточно од 1-ви до 6-ти и тоа на неколку локации во Скопје. Од организацијата велат дека во рамките на оваа модна манифестација ќе се претстават дваесет македонски дизајнерски имиња и модни куќи, кои ќе го претстават најновото од нив за сезона пролет-лето 2014.

Пред почетокот на стандардната програма со ревии, односно модни перформанси, FWSK ќе го отвори првоаприлски моден маскенбал, кој ќе се одржи во клубот „Станица 26“, со што всушност ќе се означи и почетокот на многу мода и забава во наредните шест дена.

Ова издание ќе биде збогатено и со showroom во просториите на концептуалното кафуле „Концепт 37“. Токму таму, веднаш по ревиите, колекциите на учесниците ќе бидат достапни за купувачите во текот на следниот ден после претставувањето на истите, со што домашните љубители на модата ќе имаат можност веднаш да си го купат посакуваното дизајнерско парче.

фотографија од подготвувањето на каталогот

Секој од дизајнерските имиња и куќи ќе остави свој белег на пистата, но на различни локации. Така, модната куќа Елена Лука на Моден викенд Скопје ќе прикаже уникатни креации за претстојната сезоната пролет-лето 2014 година, со нота на лукс кои ја следат елегантната силуета на жената, брендот „Hard to explain“ со моделите на Катерина Попева и Марија Дацевска ќе се претстави низ моден перформанс пред нивното ателје во Старата скопска чаршија. Едно поинакво модно доживување ќе приреди модната куќа „Mcouture by Mila Kadriu“ која на моден бранч во градина ќе ја прикаже најновата колекцијата, а во рамки на деветото издание љубителите на модата ќе ги видат и моделите на Јасмина Дракул.

фотографија од подготвувањето на каталогот

Во последните три дена од манифестацијата, ревиите ќе се одржат во салонот „Ауди-Порше Македонија“, каде ќе се претстават Никола Петровски со колекција за есен-зима 14/15, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и неговиот „Chic Undercowear“ , Ирина Тошева, „Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska“ и брендот „Lidiya Georgieva“. Со моден перформанс ќе настапат и Елена Спасовска инспирирана од кабаре, Роберт Ивановски и за прв пат Ивана Јованоска. Деби модна ревија ќе има и ателје Оливера Штакоска, а на истата писта посетителите ќе ги видат креациите и на студентите на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, како и победниците на проектот „Поп! Мода“, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилен кластер-Македонија на минатогодишното пролетно издание на FWSK , Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили кои овојпат ќе претстават капсулни колекции.

Како и претходното издание, така и ова ќе заврши со колекција на дизајнерката Росица Мршиќ.

Imidz-foto

Инаку, деветтата сезона ја следи и каталог во знакот на Next nature- таканаречената „Следна природа“ која ја дизајнираат новите културни навики и новата технологија водена од динамичното секојдневие. Обединетите црвена и сина преточени во магента, прелеани со раскошни 3Д цветови ќе го обојат модниот април. Тимот кој ќе се погрижи за реализација на деветтото издание: Официјален партнер за убавина и шминка и оваа сезона се Космо дрогерии, за фризура - Rolland Group во соработка со фризерските студиа Бубе Студио Ин и Кул Кат. Официјален парфем партнер на Моден викенд Скопје 9 е Givenchy Gentleman Only Intense - „Вистински Џентлмен Секогаш и Секаде“. За вистинска грижа – „Veet“, а за фотографиите се задолжени Ани&Дими.

Објавено:
7 март 2014
Категорија: 
Актуел