FWSK трет ревијален ден: Ослободен новиот креативен бран на младите дизајнери

5 април 2014

Ирина Тошева Ирина Тошева

Третиот ден од ревијалното претставување за  деветтата сезона на Моден Викенд Скопје од стартот на вечерта беше резервиран за групни претставувања на младите идни дизајнери од Европски Универзитет. Програмата продолжи со перформансите на победниците од ПОП мода, а потоа се случи самостојната ревија на дизајнерката Ирина Тошева. За  крај на вечерта како и минатата сезона,  ја видиме заедничката модна презентација на дизајнерите Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и битолчанецот Никола Петровски.

„Пурпурните соништа“  низ модната призма на студентите од Европски Универзитет

 

fwsk-04-01 Европски Универзитет

Под менторство на професорката и дизајнерка Јана Манева Чупоска,  младите студенти од Европски Универзитет и оваа сезона со неколку модели изработени на темата „Пурпурни соништа“ се обидоа пред публиката да презентираат  што научиле за дизајнот во текот на студиите. На писта свои креации презентираа студентите: Ивана Николова, Ана Камчева, Милена Коцевска, Ана Лазова, Анастасија Чадо, Ивана Костадиновска и Даниела Савиќ. Од креациите на секоја од нив почувствувавме различна енергија преку аутфитите што ни ги понудија, а како почетници во модата се потрудиле да изработат различни техники и примена на материјали. Дека  се млади експериментатори беше очигледно, па така можевме да погледнеме плисирани виолетови комбинезони, макси и мини фустани со апликации од контрастни црни цветови, рачно сликана кожа,  но и едноставни форми од дневни парчиња како цигара панталони со висок струк, пенкало здолништа и такви во А крој и макси должина. Се на се, шарена модна презентација и преглед на тоа каква млада модна сила треба да очекуваме во иднина. Студентката Даниела Савиќ која е трета година од студиите претстави седум мултифункционални парчиња изработени од многу патенти кои создаваа визуелна игра.

-Завршувам трета година на отсекот за мода и дизајн при Европскиот факултет и работев на седум парчиња на тема деконструкција. Идејата ми беше да го спојам функционалното и нефункционалното и сакав да создадам дизајни што се мултифункционални и носливи. Креациите ги следат геометриските линии, а претежно и на таквите форми се фокусирам, изјавува студентката Савиќ.

 

Смели експерименти за уште посмели консументи

Во едно поинакво андерграуд светло од амбиентот на подземната гаража на салонот Ауди-Порше следуваа прформансите на победниците од проектот на „ПОП мода“ Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили. Капсулната колекција на Цветановски понуди една современа модерна форма од креациите кои беа изработен во форми споени од патенти. Иако изјави дека не сака да експериментира, некои од парчињата потфрлија во однос на изработката и експериментот со патентите кои не издржаа при движењето на манекенките, па две од креациите не успеавме добро да ги видиме.

-Кога дизајнер ќе излезе после ревија е во таков хаос што ако го прашате како се вика, мислам дека нема да знае да ви одговори. Сакав да прикажам прочистена естетика и жената во современата облека. Овој пат се одлучив да не експериментирам и да бидам поконвенционален, но со модерен дух во спој на ахроматски бои со металик акценти и се надевам  дека излезе добро. Огледалните чанти се соработка со мојата пријателка Магдалена Димковска и таа всушност предложи да ги вметнеме и бевме прилично задоволни дека се на иста бранова должина со парчињата облека. Задоволен сум што веќе некои луѓе реагираа дека им се допаѓаат моделите, вели Цветановски.

За разлика од Виктор, младиот дизајнер Алмир Мили преку перформансот ни остави дилема да се запрашаме дали креациите што ги понуди ќе имаат понатамошна примена.

-Сакав да го доведам словенскиот дух на модната сцена, а претставувањето во форма на перформанс беше за од една друга страна да го видиме животот на една Русалка. Мислам дека парчињата не се носливи, а на некој начин веќе се уништени со тоа што се потурени со црна боја, но за луѓето што сакаат да експериментираат со стилот и сакаат да се издвојуваат од другите, се разбира дека може да пробаат да ги носат на сопствена кожа. Бидејќи сум млад дизајнер на модната сцена сакам да експериментирам, а како созревам тој моден експеримент да биде гледан како нослив, рече Алмир.

 

Дизајнерката Ана Камчева пак исто така се насочила кон експериментирањето во дизајнот, инспирирана од гравитацијата презентираше парчиња со специфични кроеви претежно изработени од скај.

-Темата ми беше гравитација, а од материјалите преовладуваше жоржетот бидејќи ми требаа лесни материјали за да можам на краевите да аплицирам потешки детали  како синџирите. Имаше деликатно сечење на квадрати  од скај и целото беше рачна изработка. Парчињата не се толку носливи, можеби дел од нив полесно може да се комбинираат, меѓутоа верувам дека за некој специфичен јавен настап, одредени ликови ќе се пронајдат, изјавува Камчева.

 

Комерцијален пристап кој суптилно тежнее кон 60-тите и 70-тите

 

Вечерта продолжи со самостојната ревија на Ирина Тошева која се обиде модите специфики на 60-тите и 70-тите години да ги имплементира во сегашната мода. Хипи и ретро ефектот го забележавме најмногу од  панталоните во ѕвон форма и цветниот принт, додека останатите парчиња како кратките топови, комбинезоните и панталоните во цигара крој, алудираа на моменталните трендови. Освен женските креации на писта имаше и два машки аутфита, составени од  едноставни комерцијални парчиња како памучни маички и класични панталони.

-Пресреќна сум, реакциите од публиката беа супер, се надевам ќе бидат уште подобри. Целата колекција  изобилуваше со бои и не наврати во еден подзаборавен гардеробер  од 60-тите и 70-тите години. Најспецифични се оние со многу принтови, инспирирани од тапетите од 70- тите години. Викендов колекцијата ќе биде изложена во Концепт 37, а потоа ќе може да се најде во моето атеље и на „Бастет Ноар“ Ова е мое петто учество и од сезона во сезона Модниот викенд е се подобар, јавноста е се позаинтересирана и тоа посебно ме радува. Засега сум задоволна, вели Тошева.

 

Групен  дизајнерски пристап кој заедно покажа трендовска индивидуалност

Ако минатата година преку написите не праша „Шчо напраивме“ за оваа пролет-лето сезона, дизајнерката Стефанија Насеска не „соочи“ со пораката tete-a-tete. Нејзината нејнова колекција беше сочинета од едноставни дневни креации како: кратки топови, молив здолништа, такви во А крој, кратки фустанчиња со корсетиран горен дел, кратки панталони и такви во цигара крој со двобоен блок, елеци, палта и комбинезони. Во секое од парчињата беше применет контрастен цветен принт, а освен неговата егзотика меѓу  боите преовладуваа бела, жолта, зелена како и металик сребрени нијанси. Дека сакала да се доближи до барањата на комерцијалните тренди парчиња, забележавме од  класичните палта со актуелните странични патенти.

-Оваа колекција е рачно обоена, дел од материјалите се рачно фарбани и принтовите беа исто така печатени рачно и досликани. Се надевам на 100% продажба, повторени парчиња и продолжување на колекцијата. Задоволна сум премногу и  фидбекот што го очекувам секогаш го добивам, затоа што е пред се голема реклама за дизајнерите и моделите кои се прикажуваат на Модниот викенд , додава Стефанија.

Марјана Рујановска Марјана Рујановска

Од едноставноста и нежната страна на жената се инспирираше и дизајнерката Марјана Рујаноска која по ревијата на Стефанија ја прикажа својата мини пролет-лето колекција која претежно содржеше коктел фустани што се движат до силуетата. Лелавите и тенки материјали истовремено укажуваа и на комфорноста и лежерноста, обоени во пастелно пудрести тонови на кои им контрираше бледата тиркизна. И во оваа колекција застапени беа кратките топови,  кои речиси беа најчестото парче што го гледавме од сите колекции на писта.

Бобан Илиевски Бобан Илиевски

Откако минатата сезона преку креациите ни ја откри силната и грациозна жена, за оваа пролет-лето сезона, младиот дизајнер Бобан Илиевки пристапи со лежерни бохо парчиња во едноставна форма. Пеперутките од неколку различни принтови тој ги спои во  колорни блокови на кратки фустанчиња и цигара панталони, а играта со принтови ја видовме речиси во секое презентирано парче. За уште повпечатлив и целосен изгед, сите креации беа надополнети со аксесоари како, очила за сонце, плик чанти и масивни алки од кои висеа златните иницијали на дизајнерот.

-Одев на многу полежерни парчиња, поносливи бидејќи минатата колекција ја оценија како „глам“  иако јас тоа не го гледав така. Парчињата се носливи бидејќи пред се  е пролет и сакав принтот што се провлекуваше низ колекцијата, пеперутките да бидe прикажан низ моја призма, гледиште кое делумно изгледа романтично, но јас поинаку го доживувам.  Бохо трендот е застапен и задолжително го има во сите парчиња. Застапени се монохроматски принтови, бои и материјали во симбиоза со колор блок. Користев повеќе бои во еден модел, извртени шавови, но се во умерена доза на експериментирање. Имам планови за претставување на саеми. Инаку продажбата си продолжува во Берлин и Софија и нашите концептуални салони тука. Бидејќи Модниот викенд  е единствена модна платформа за македонски дизајнери,  реално нуди и ме радува што последниве две сезони колку што учествувам, имам фантастични колеги околу мене и гледам издржани колекции кои ми се допаѓаат.  На крајот на краиштата овој Моден викенд треба да биде prêt a porter и барем малку да заличиме на некоја модна метропола. Не мора да е Милано, барем да е Белград, изјавува Бобан.

 

Бобан Илиевски Бобан Илиевски

За разлика од сите учесници оваа сезона, како и минатата  битолчанецот Никола Петровски презентираше колекција  една сезона понапред, односно за есен-зима 2014/15. Петровски е познат дека најмногу се инспирира од летото, па така во еден подискретен пристап носталгијата кон топлото време ја претстави со  маслинести ситни цветни принтови кои преку темната боја асоцираа на зимата. Иако можеби очекувавме да видиме некои потешки зимски материјали, Петровски се одлучил за оние полесните  и транспарентни темни текстури. Покрај женските парчиња во колекцијата имаше и неколку машки комбинации од панталони со блед војнички принт и необични кошулули со рачно боени ракави и кружни изрази кај вратот.

 

Никола Петровски и манекенката Дунавка Трифуновска Никола Петровски и манекенката Дунавка Трифуновска

-Оваа колекција е на еден начин продолжение на претходната. Инспирацијата  овој пат е љубовта, но на еден нов начин. Љубов која си заминала и по која се пати. Јас секогаш користам природни материјали. И овој пат беше така. Во колекцијата видовме моделите изработени од памук, волна или нивна мешавина со полиестер и вискоза и бел лен. За неколку дена оваа колекција заедно со претходната ќе ја претставам т.е. ќе ја отворам модната недела во Битола во четврток на 10 -ти. Самиот факт дека трет пат по ред сум дел од Модниот викенд значи дека сум задоволен. Фитбекот нормално е  будење поголем интерес кај публиката и купувачите, застапеност по медиумите и нормално ширење на името на Никола Петровски, завршува дизајнерот.

Бекстејџ од подготовките  за ревјата на Петровски Бекстејџ од подготовките за ревјата на Петровски

Објавено:
5 април 2014
Категорија: 
Колекции