Не постои дизајнер кој на некаков начин не ја искористил црната боја во својот креаторски израз. Тоа е така бидејќи црната е незаманлива класика која едноставно се комбинира со целата палета на бои, а од друга страна секогаш асоцира на престиж, моќ, мистичност, аристократија, сексапил – во зависоност од тоа каква функција и' дефинирал самиот дизајнер.
Ако некои од дизајнерите ја користат суптилно, само во одредени моменти и наменски, кај други дизајнери црната е омилена и најчесто фаворизирана боја.
Во последните колекции на македонските дизајнери, црната беше една од најзастапените, независно дали се работи за зимски или летни колекции. Некои од домашните креатори презентираа монохроматски изгледи во црно, други ја искористија во нивните колор блок варијанти, трети пак се одлучија за специфични модни додатоци во црно.
Наш дизајнер за кој црната е синоним е авангардниот Јован Петровски, кој покрај во своите колекции, црната без исклучок ја користи и во стилизирањето на личниот имиџ.
Лидија Георгиева честопати и на свој специфичен начин ја имплементира црната боја во својот дизајн. Во нејзината последна колекција доминираа црни транспарентни фустани кај кои истовремено беа дозирани сексапил и мистика, благодарение и на деталите кои им ги прикриваа очите на манекенките.
Кај Стефанија Насеска и Бобан Илиевски, имавме можност да видиме интересни колор блок варијанти во комбинација со црната боја, како кај капутите така и кај здолништата, што е особено привлечно за сите оние кои сакаат да експериментираат со изгледот.
Во ELigion, последната колекција на Елена Лука која сама по себе носи еден драматичен и театрален израз, неминовно во најголем дел беше застапена црната боја. Што во комбинација со златна, што во варијанта со црвена и зелена, црната боја е апсолутно доминантна и во последната зимска колекција на модната куќа.
Во галеријата погледнете и дел од креациите на дизајнерите Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Александра Митковска, Олгица Ѓоргиева, Росица Мршиќ, Никола Ефтимов, Оливера Штакоска, Ludus и Инес Шабан, и на кој начин тие создадоа своја уникатна верзија на црната.