Носете домашен дизајн за новогодишната ноќ

10 декември 2014

Украсувањето на елките и изобилството од  светкави ламбички, на некој начин го означија стартот на новогодишната еуфорија, а особено припадничките на понежниот пол сигурно веќе размислуваат за свечената комбинација за најлудата ноќ. Веруваме дека повеќето од вас се ставени пред  дилема што да облечат, дали тоа ќе биде коктел фустан, макси модел или панталони. Наместо да тргнете во обиколка низ продавниците и да трошите многу време во потрага по парчиња од комерцијалните етикети, ви сугерираме новата 2015-та година да ја дочекате облечени  во креација со македонски дизајнерски потпис.

Се со цел да ви помогнеме да ги решите недоумиците за совршената комбинација, селектираме креации од македонските дизајнери, прикажани на неодамнешното издание на Скопската модна недела. Тргнувајќи од тоа дека секој има индивидуален стилски вкус, издвоивме повеќе модели со различен дизајнерски сензибилитет од колекциите за тековната сезона есен-зима 2014/15. Со оглед на периодот за кој беа прикажани, дизајнерите свесни за претстојните празници, сигурно и  пристапија на понудата и од вакви модели. Истите  се лесно адаптибилни за свечена вечер како новогодишната, но со функционален предзнак  кој ги става во категоријата на носливи и за други порелаксирани пригоди и моменти.  Бидејќи светкавите текстури се едни од најбараните овој период, не ги исклучуваме од селекцијата, но нивната специфичност е во дискретноста, а не нападното. Токму такви креации ви предлага дизајнерката Јована Филиповиќ, чија колекција изобилуваше со женственост и сексапил.  Ако сте замислите да носите „молив“ здолниште или некое светкаво парче, погледнте ги овие креации на Филиповиќ.

Јована Филиповиќ Јована Филиповиќ

Уникатната колекција ELigion на модната куќа Елена Лука, прикажана самостојно во новиот МНТ, беше идиличната модна композиција од каде може да се слектираат повеќе креации кои пред се ќе ја нагласат вашата индивидуалност. Доколку сте од дамите што сакат да се издвојат со својата оргиналност, нашиот предлог се креациите од оваа богата, раскошна и квалитетна колекција. Од оваа содржина издвојуваме четири модели на фустани во црна и златна нијанса. Моделите ги краси специфичноста од кројот, техниките и спојот на текстури.

Елена Лука Елена Лука

Елена Лука Елена Лука

Елена Лука Елена Лука

Коктел фустани во колор-блок варијанта, предложи дизајнерката Александра Митковска. Конкретниот фустан од фотографијата го предлагаме за оние што се потпираат на едноставните, а ефектни прачиња. Истиот е во слоевито поставена геометриска конструкција, од која се истакнуваат специфичниот принт и жолтиот контраст.

Александра Митковска Александра Митковска

Ирина Тошева Ирина Тошева

Младата дизајнерка Ирина Тошева иако презентираше колекција претежно со креации за дневна варијанта, коктел фустанот со впечатлив пејсажен принт од колекцијата „Зебра“ , би бил идеалниот избор доколку преферирате едноствни кроеви. Пејсажните принтови се актуелност од светските модни писти, затоа бидете чекор понапред и изберете сличен фазон.

Јован Петровски Јован Петровски

Геометријата и минимализмот беа водечката инспирација од домашните колекции, а прикажаните здолништа во црно-бела варијанта може да бидат вистинските во комбинација со краток топ или транспарентна кошула. Еден таков модел, ви предлагаме од дизајнерот Јован Петровски, кој е со должина до колена и јасно ја нагласува фигурата во пределот на нозете. Уште едно  „молив“ здолниште кое ни оставни  впечаток,  е она на дизајнерката Стефанија Насеска. Истото е слично како моделот  на Петровски, но со специфичен детаљ во боја на вино, хоризонтално поставен во вид на реси во пределот на колената. Ова парче го замислуваме во спој со бел или црн горен дел и шминка од која акцентиран ќе биде црвениот кармин.

Стефанија Насеска Стефанија Насеска

Од  деби колекцијата на дизајнерката Андриана Динева ви ги предлагаме пастелните макси „кулоти“ со висок струк. Ретро призвукот стана доминантен токму оваа година, а ако сакате елеганција инспирирана од филмските класици, облечете го овој модел на панталони кои моментално се задолжителното парче за сите светски модни инсајдерки.

Куфер Куфер

Лидија Георгиева Лидија Георгиева

Од модната приказна на Лидија Георгиева, го издвојуваме коктел фустанот со британско-француски шмек од 20-тите. Моделот се издвојува по својата едноставна, а впечатлива конструкција, дополнета со специфични детали од црна тантела и пастелна мрежа. Креацијата нуди широк простор за игра во однос на целосното комплетирање, па така освен деталите како од фотографијата, можете да ја разбранувате фантазијата по сопствен избор. Во конкретниот случај фустанот е споен со чизми на висока потпетица, но одлично би изгледал и со салонки во елегантна црна или контрастна беж  нијанса.

Лили Кадинска Лили Кадинска

Минималистичка предлог варијанта издвојуваме од колекцијата за есен-зима на дизајнерката Лили Кадинска. Контурираните црни детали ја истакнуваат едноставноста од асиметричната конструкција и на двете парчиња кои совршено се надополнуваат како композиција. Доколку преферирате минимализам, овие парчиња сигурно ќе бидат совршените за новогодишната ноќ, а нивната примена нема да застане со веселбата, туку ќе можете да ги комбинирате и за останати пригоди.

Олгица Ѓеоргиева Олгица Ѓеоргиева

Олгица Ѓеоргиева Олгица Ѓеоргиева

Дизајнерската сложувалка на Олгица Георгиева ви го нуди парискиот шмек во релаксиран и женствен дух. За романтичните дами од колекцијата на Георгиева издвојуваме два изгледи. Едниот е специфичен коктел фустан со цветен принт, додека другиот е уште еден предлог на популарните „кулоти“ овој пат во романтична верзија од небесно сина нијанса, споени со мрежест краток топ кој завршува со сензуална и масивна свилена панделка на грбот.

Златко Јовановски

Златко Јовановски

Свечените креации целосно преовладуваа во презентацијата на писта од колекцијата на младиот Златко Јовановски, а од истата ја селектираме оваа пастелна тоалета со богата декорација во пределот кај градите и на транспарентната основа од грбот. Ако вашата замисла е да бидете вистинска раскошна дама, овој модел може да биде вашиот новогодишен изглед.

Веруваме дека успеавме да ви помогнеме во изборот, а ваше е да го изберете оној што го отсликува вашиот карактер и енергија. Бидете поинакви, носете македонски дизајн!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
10 декември 2014
Категорија: 
Направи сам