Стартуваше осмата сезона на Моден Викенд Скопје

23 октомври 2013

Во ново избраната локација,  катната  гаража Св. Кирил и Методиј  во Скопје, почна и осмата сесона есен-зима на Моден Викенд Скопје. Со прикажаните колекциите на две македонски дизајнерски имиња и еден светски бренд, пред љубителите на модата беа промовирани дизајнерските модни решенија. Прв мразот го скрши дизајнерот Никола Ефтимов со колекцијата есен-зима која го носи називот „Os filhos de Venus“. Со инспирација од Бразил и шкотската традиција, Ефтимов ја покажа својата замисла преку слоевитите парчиња, колоритноста и индивидуалноста во дизајнот.

-Во оваа мини колекција што на некој начин е фрагмент од поголемата што ќе се доработува сезонава, избрав да презентирам 12 модни изгледи, но најчесто секој од нив беше доста комплициран, а исто така оваа година решив да претставам исклучиво облека за дамите зашто во вториот дел што ќе го доработам ќе има и машки дизајни. Иако добивам прашања  дали мојата облека е пресмела, баш оваа година сметам дека се носливи парчиња.  Јас знам да кажам дека мојот репер за тоа што е вообичаено и невообичаено е многу поинаков од просечниот репер кај нас и понекогаш се обидувам да ги доловам жените со кој што јас работам. Сметам дека не треба да е премногу смела, треба да се сака себе си, да биде индивидуалка, да речеме дури и оној изглед што јас го предлагам на ревија и не мора да биде исто комбиниран. Лесно може да се изберат сегменти на сопствен  начин и повторно со ова се враќаме кон индивидуалноста, вели Ефтимов, тој додава дека е добро што Скопје го има модниот викенд, пред се за младите дизајнери, но и дека е потребна помош најпрво од државата која сама по себе ќе ја напредне модната индустрија во Македонија.

-Еден период мислев да не перавам ревии кај нас и на алтернативен начин да ги презентирам моите модели, но есента 2011 настапив на моден викенд и ова е веќе петта сезона како сум постојано дел. Мислам дека бенефитот не мора да го очекуваме преку ноќ, јас никогаш не работам колекции што секое парче мора да заврши кај купувачот, се прават компромиси, некогаш одредена ревија е за имиџ на дизајнерот, брендот за кој работи итн..Но секогаш има доволен број на парчиња кои се полесно продажни и завршуваат кај клиентите. Бенефитот од учеството го гледам и во широкиот публицитет од настанот кај  македонската  јавност а е и единствениот од ваков тип што е во континуитет. На организацијата би и посакал повеќе спонзори, па дури и да добијат помош од државата, зашто овој тип на презентација е многу важен сегмент на заживување на модната индустрија, изјавува дизајнерот Никола Ефимов.

Младиот дизајнер Бобан Илиевски, кој настапи под етикетата Chic Undercowear  преку дизајнот ја истакна елегантнцијата во духот на 80-те само на модерен и софистициран начин. Бежовите и нијансите на црвен пепито дезен  му беа појдовни, а преовладуваше и еко крзното. Нагласени маскулинисички елементи од палто, ревер, широки раменици кои ја изнесоа современата и самоуверена индивудуа.

- Глам- шикот на 80-те години во модерно стилизирана форма вклучувајќи ја и модната  икона што ја избрав за инспирација, Џоан Колинс, е појдовната приказна од мојата колекција. Жената што ќе ги носи овие парчиња не се плаши да се истакне од толпата и индивидуалноста ја славам со моите креации. За млад моден дизајнер е одлично да се претстави на моден викенд, зашто е одлична платформа што секој еден дизајнер треба да ја проба. Локацијата фантастично се вклопи, чистината на просторот дополнително допринесе за претставување на моделите, рече дизајнерот Бобан Илиевски.

Последната колекција од првиот ден беше на светскиот бренд  Дизел кој во Скопје функционира во склоп на групацијата Fashion Group, исто така ја претстави колецијата есен-зима, за мажи.

-Новите парчиња на Дизаел ги носи еден урбан маж кој што е млад и сака да се облеква модерно и тренди а сепак да биде уникатен. Колекцијата е современа и урбана и се поклопува со моменталните трендови , но надополнета со интересни бои што разведруваат во есенско зимското сивило, вели Јасмина Апостолоска додавајќи дека овој бренд и во иднина размислува да се претставува на модниот викенд.

-Сакаме да го  пренесеме она што Дизел го прави низ светот, односно учествува на модни недели, а намера ни е како практика да го започнеме и овде, сепак брендот има модели што одлично се вклопуваат со оние на македонските дизајнери, изјавува Јасмина.

Оваа сезона може значително да се забележи намалениот број на дизајнери учесници, а од организацијата велат дека секогаш за сезоната пролет-лето имаат повеќе дизајнери, а пак за другата сезона како во случајот, имаат помалку учесници. Една од новите локации на одржување, катната гаража ја сметаат за новитет кој позитивно отскокнува од претходно.

-Веќе четврта година на Моден Викенд Скопје, а оваа осма сезона имаме стандардна програма која е добро позната за овој настан, ја имаме соработката со британскиот совет, имаме гостин од Лондон тое е Мартин Робертс, основач на Fashion Scout, тој ќе одржи предавање, а 10 избрани студенти-дизајнери  ќе имаат можност да се консултираат со него. Секоја сезона модниот викенд се одржува на неколку локации, салонот на Ауди ни беше како некоја база, оваа година се решивме да направиме промена и да внесеме некој новитет во настанот и се решивме за гаражата „Кирил и Методиј“ која што е нов објект и одговара на нашите потреби, но салонот на Ауди останува како варијанта за простор и за наредните сезони повторно. Во однос на дизајнерите учесници  на минатото издание имаше најголем број на дизајнери-учесници , 25, но секогаш за сезоната есен-зима има помал број на учесници, а за пролет-лето се повеќе. Сепак,  оваа сезона имаме три нови деизајнерски имиња што за прв пат се претставуваат на Моден викенд. Се стремиме кон уште подобра организација и да им овозможиме можности на сите дизајнери да земат учесто од програмата. Младите дизајнери ни се главна  нашите цели од агендата,  се подобривме низ сезоните, иако  луѓето од страна можеби не гледаат  многу промени, но ние од организација тоа добро го знаеме- вели Горан Сиџимовски.

Публиката беше речиси стандардна како и од изминатите сезони, константните модни конзументи, новинарите, блогерките, пријателите и подржувачите на дизајнерите, како и пар јавни линости, меѓу кои пејачката Викрорија Лоба и Кристина Арнаудова кои изјавија дека го следат модниот викенд за да се опуштат и да ги видат новите креации од македонските дизајнери.

-Секоја година сум на модниот викенд  и сакам да видам што ново имаат македонските дизајнери. Мислам дека има некаков прогрес во овој моден настан, има нови имиња и тоа ми се допаѓа како и новите локации. Има повеќе дизајнери чии ревии сакам да ги гледам, сите се трудат и ми се драги. Сум купила парчиња токму одкако сум ги видела на писта, имам од Елена Лука и уште неколку креатори, вели Викрорија Лоба.

Пејачката Арнаудова пак по пријателска линија присуствуваше на втортата ревија на Бобан Илиевски.

-Бобан го знам од соработката што ја имав со брендот Кара, позитивен и забавен млад човек, а она што го работи е многу урбано и шик и јас  би го носела. Добро е што имаме моден викенд во Скопје, редовно ги следам ревиите, не се појавувам секаде, но ете има имиња што навистина не би ги пропуштила, рече Арнаудова.

Вечерва на истата локација, својата нова колекција ќе ја претстават дизајнерката Олгица Ѓеоргиева, Ирина Тошева и брендови од Fashion Group. Во продолжение од галеријата погледнете ја атмосферата, креациите, но и што имааше на себе публиката.

 

Објавено:
23 октомври 2013
Категорија: 
Актуел