Валентино на средба со обожавателите во новата феноменална книжарница во Лондон

29 октомври 2014

Конечно се случи и отворањето на долгонајавуваната нова фантастична книжарница во Лондон во сопственост на една од најмоќните публицистички двојки во светот – парижаните Assouline.

Свеченото отворање се случи со промоција и потпишување на новата книга на Валентино Гаравани кој собра дел од холивудскиот џет – сет во Лондон.

На промоцијата и свеченото потпишување на неговата нова книга, присуствуваа и неговите две омилени девојки Ен Хатавеј и Кајли Миног кои блеснаа во негови креации.

Особено внимание вечерта остави секогаш позитивната и шармантна Кајли Миног која за промоцијата во Лондон се одлучи за прекрасна пролетна креација во пастелни бои и неверојатно нежна шминка и фризура.

Нејзината холивудска пријателка, актерката Ен Хатавеј за забавата одбра црна комбинација составена од тесно кусо здолниште, лежерна кошулка и интересни хулахопки со точки што одлично и прилегаа со урбаните чизмички до глуждот.

Она што ги остави без здив присутните, дефинитивно беше новата лондонска книжарница на веќе афирмираното издавачко дуо Assouline, кои се чини завршиле одлична работа.

Во шармантната книжарница особено впечатливи се ѕидовите што се целосно покриени со повеќе од 4.500 книги, а сите уживатели на добриот збор, ќе имаат можност и да се напијат чај или кафе, па дури и да каснат нешто уникатно во останатиот дел што е претворен во феноменално cafѐ.

Објавено:
29 октомври 2014
Категорија: 
Актуел