Версаче и Прада ги најавија рекламните кампањи за зимската сезона

22 мај 2014

foto05

И додека последниве денови уживаме во убавото сончево време, големите дизајнерски умови и нивните креативни тимови интензивно работат на новите рекламни кампањи кои што треба да ја најават студената сезона есен-зима 2014. Како што е редот и модните куќи на Версаче и Прада напорно работат на реализација на своите концепти.

Версаче

Новата кампања на Версаче за сезоната есен-зима 2014 е целосно во духот на гламурот, слободата во движењето и моќта на женската заводливост. Фотографиите ги сликаше модниот фотографски двоец Мерт и Маркус, следејќи ги строгите насоки на Донатела Версаче. Главните улоги во кампањата ги толкуваат моделите Ана Еверс и Стела Тенант.

„Во најновата кампања целта ми беше да ја нагласам моќта и слободата на Версаче денес. Фотографиите се олицетворение на женската сила и сензуалност. Жените ја имаат целата контрола во своите раце“, открива дизајнерката.

Прада

Фотографската приказна за новата рекламна кампања на модната куќа Прада за сезоната есен-зима 2014 е целосно во духот на урбаниот модернизам. Стивен Мејсел е режисерот, а главните херои во оваа урбана легенда се аргентинската убавица Мика Арганараз и Карл Колбиц. Мејсел се обидел да го долови контрастот на арт деко стилот кој пулсира во рамките на геометриските бетонски конструкции кои ги гледаме во позадината на фотографиите. Рекламната кампања ќе се појави на почетокот на јули во сите италијански списанија, а после и во британски Vogue и Elle.

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Актуел