„Вкусот на текстилот“ презентиран преку мултифункционални дизајни

8 февруари 2017

Група млади, смели и ентузијастички настроени студенти од Институтот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, вчера во „Јавна соба“ имаа изложба на нивни дизајни насловена „Вкусот на текстилот“.

Се работи за производи кои всушност се резултат од неколкудневната работилница оджана за време на Неделата на дизајнот, а под менторство на искусни дизајнери и менаџери.

Возбудени и среќни за шансата нивната работа да ја погледне пошироката јавност, па дури и да купи некој од производите, тие се трудеа на најдобар можен начин да ги претстават нивните производи.

Инаку, фокусот е ставен на иновативноста, и на производи каде носечки материјал е текстилот, а кои имаат две или повеќе функции.

Уште на почетокот се запознавме со Медаин Аслан, кој презентираше здолниште-чанта.

-Прототипот беше создаден така да биде мултифункционален, поточно да може да функционира и како здолниште и како чанта. Странично и во долниот дел има патент, па во зависност од тоа дали е отворен или затворен, се трансфромира. Горниот дел од чантата е всушност и горниот дел од здолништето, поточно половината – ни објасни Аслан.

Инаку, тој беше дел и од студентите што се претставија на групната ревија на ТМФ на последното издание на Моден викенд Скопје.

-Таму претставив креација од коса и коноп. Ме интересираат необични форми и материјали, а најголемиот дел од креациите ги изработувам во работилницата на факултетот – вели Медаин.

 

Спроти неговата креација, ја видовме онаа на Валмира Бучи, закачена за велосипед, па ја прашавме за што поточно се работи.

-Мојот производ е ранец и јакна. Јакната може да се спакува во грбот на ранецот и исто така може да се употребуваат заедно или посебно. Материјалот е водонепропустлив, што значи може да се користи и на дожд, па е препорачливо за пролет и есен. Исто така, оваа креација е идеална за оние што возат велосипед, особено бидејќи има флуоресцентни траги, видливи и вечерно време – објаснува Бучи.

Таа додава дека ова било првпат да изработува ваков тип на дизајн, што кај неа побудило голем интерес и ги проширило нејзините видици.

Даниела Ѓуровска пак, размислувала повеќе за летото, па на изложбата претстави фустан што може да биде и чанта за плажа.

- Првичната замисла ми беше да биде фустан за плажа, кој потоа одлучив да се пренамени во чанта. Користев скај и памучен кепер, употребив и јаже и бидејќи ме потсетува на лето, како и оваа палета на бои (бело, зелено, сино). Сакам транформацијата да се одвива лесно и практично, па затоа употребив нитни и патент – ни изјави Ѓуровска.

Таа не ја сокри возбудата и задоволството околку целиот проект и реализацијата.

-На петдневната работилница требаше да изработиме два прототипа и потоа преминавме во реализација на моделите. Сите студенти работевме во група и многу сум задоволна од сè – и како функциониравме и од крајниот резултат и како на сите ни беше овозможено да се изразиме креативно. Ова е одлична шанса за презентација. Се надевам за некое време ќе можам да застанам на свои нозе како дизајнер. Верувам дека сè што работев и научив во текот на студиите ќе ми биде отскочна даска, а знам дека сите работи што ги направив до сега ми помогнаа модната публика во Скопје да ме запознае и посакувам во иднина да отворам и свое ателје – вели Даниела.

Покрај нив, присутните вчера имаа можност да ги видат и производите на Деспина Ангелеска, Тамара Ивковиќ, Марјан Бебекоски, Ангела Доневска, Софија Грозданова, Христина Христова, Ева Кравченко,
и Мимоза Исмајл.

Освен со студентите, поразговаравме и со Тамара Георгиевска, ментор на работилницата и овој проект, заедно со Ива Јанковиќ и Александар Велиновски.

Младите дизајнери се пресреќни од реализацијата, па ја прашавме Тамара какви се впечатоците на тимот на „Јавна соба“.

-И ние сме презадоволни од студентите, како од нивната креативност, така и одговорноста и истрајноста, што резултираше со одлични производи, што можат да се видат вечерва. Ова не е прва работилница организирана од „Јавна соба“  со факултет, но е прва со ТМФ и ќе продолжиме со вакви иницијативи – вели Георгиевска.

Таа додаде дека уште повеќе се задоволни и од тоа како луѓето реагираат на ваквите настани.

-Задоволни сме како луѓето го прифаќаат дизајнот како поим и производите што се дел од македонската дизајн сцена. Има одличен прогрес во однос на пред неколку години, кога поимот дизајнне беше разбран, до денес кога се продава и купува, што е мотив за уште поуспешна понатамошна работа.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата од вчерашната изложба: 

Објавено:
8 февруари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
640 пати