Внуката на Одри Хепберн во улога на модел од шоуто на Ланван во Париз

18 септември 2014

Ема Ферер, внуката на Одри Хепберн по деби  едиторијалот за септемвриското издание на „Harper’s Bazaar“ почна многу посериозно да ја сваќа модата. Овој пат таа за прв пат ќе зачекори и на писта од париската модна недела, поточно на шоуто на Ланван. Ферер за странските медиуми изјавува дека  не чувствува никаква тензија и трема, иако нема искуство на модните писти.

-Модните ангажмани во моментот за мене се нешто многу големо. Не знам што да очекувам и како ќе бидам примена во модниот свет. Кога се фотографирав за едиторијалот мислев дека крајниот резултат нема да биде како што треба, но потајно чувствував некаква надеж и оптимизам, вели Ема.

Харизматичната 20-годишна девојка  на њујоршката модна недела присуствуваше на ревиите на Ралф Лорен, Александар Ванг, Версаче, Каролина Херера, а со тоа покажа дека навистина претендира да се инволвира во големиот моден свет.

-Пријатно ми е што се уште не ме познаваат многу луѓе, па можам да уживам гледајќи ги колекциите, додава таа.

Инаку, Ема Ферер нема потпишано договор со ниедна агенција за модели, а нема ниту свој Инстаграм профил.

Објавено:
18 септември 2014
Категорија: 
Актуел