Втората сезона на Скопскиот Моден Фестивал ќе ги стави домашните дизајнери во преден план

10 ноември 2022

Под слоганот „Can you feel the light?", манифестацијата Скопски Моден Фестивал вечерва ја започнува својата втора сезона.

Како најава за она што допрва следува, вчеравечер во Intermezzo Muisc Bar, организаторите приредија забава на која присутните имаа можност да уживаат во одличната атмосфера, да се подготват за претстојните три ревиски гала вечери и да се забавуваат со ритамот на LOT SOULFUL.

Официјалната забава беше збогатена со музички и сценски спектакл за чии цели танчерите беа облечени во креации на ЕЛЕНА ЛУКА. Настапот беше пропратен со звуците на Dj Guardian, лириката на Зоран Зонде Стојановски и манекенките од ZOA Models, додека пак релаксираната и забавна атмосфера дополнително се отслика и преку casual дрес кодот.

Втората сезона на манифестацијата ќе се одвива вкупно десет дена на нова локација во трговскиот центар, со три ревиски гала вечери и ексклузивен изложбен салон, за претставување на колекциите на учесниците од земјата и странство.

Домаќин и партнер во реализацијата на манифестацијата е повторно трговскиот центар Скопје Сити Мол, каде во рамки на десетдневната програма, посетителите ќе имаат единствена можност, премиерно да ги видат последните модни колекции на низа млади и етаблирани дизајнери од земјата и странство, македонски и интернационални брендови, како и престижни школи.

Во однос на претходната година, кога се случи првенчето, Ангелина Китановска, стилист на кампањата за Скопсјиот Моден Фестивал и една од организаторите на церемонијата, истакнува дека го сметаат настанот за успешен.

„Ние сме крајно самокритични и оваа година гледавме да се поправиме од некои технички аспекти. Во однос на програмата минатата година бевме повеќе концентрирани кон странски дизајнери. Имавме дизајнер од Словенија, Грција, Албанија, Косово и гледавме да го донесеме Балканот кај нас. Оваа година пак, повеќе се свртевме кон домашни дизајнери за да им ја дадеме шансата да ги промовираат своите колекции на сопствениот пазар.", вели Китановска.

Во однос на нејзините очекувања од овогодинешниот настан, таа открива:

„Моите очекувања веќе гледам дека се остваруваат, во однос на подобар изглед на целиот настан и подобра агенда. Кога станува збор за гостите пак, минатата година беа прекрасни и овој пат ќе биде исто така, со тоа што ќе биде допполнето со повеќе посетители."

Скопскиот Моден Фестивал свечено ќе се отвори вечерва со коктел гала и музички спектакл. Првите три вечери се резервирани за модни ревии и перформанси, а два дена подоцна, на 07.11 (понеделник), вниманието се сели во ексклузивниот изложбен салон на првиот кат во трговскиот центар, каде одблизу ќе може да се погледнат, одберат или нарачаат оригиналните креации на фестивалските учесници. Надвор од официјалниот дел, свое претставување пред присутните ќе имаат и реномирани артисти.

Во рамките на фестивалот ќе се претстави и етаблираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА, кој ќе ја затвори манифестацијата на 12 ноември со почеток во 21:30 часот во Скопје Сити Мол со ексклузивна модна ревија на која ќе бидат презентирани атрактивните дизајни од новата свечена колекција „Satin Dream" за сезоната пролет-лето'23.

„Ние како модна компанија и како најголемиот бренд во Македонија ќе се појавиме на овој Моден Фестивал којшто се организира во просториите на Скопје Сити Мол." - открива Горан Митров, бренд менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Колекцијата што ја подготвивме е инспирирана од женственоста во минатото. Сите тие лелеави фустани, специфични материјали и ткаенини ќе бидат претставени пред широката публика, и пред сè, пред нашите клиенти. Доста долго работевме на оваа колекција под менаџерската палка на нашата генерална директорка Елена Пандева, која што го раководеше целиот процес кон создавање на оваа колекција. Создадовме повеќе специфични парчиња со кои се надеваме дека ја доловуваме женственоста која е секогаш наша најголема инспирација и ќе ги задоволиме критериумите и нашите клиенти.", изјавува Митров за Fashionel.

Наедно, Митров открива дека очекува модата конечно да се врати на големата сцена.

„Сите се измачивме овој период што помина, особено ние луѓето што ја сакаме модата трауматично ја доживеавме пандемијата. Меѓутоа, еве се стабилизира ситуацијата, се појавуваме со нови колекции, создаваме нови модни парчиња за кои верувам дека многу ќе им се допаднат на клиентите и на публиката.", вели тој.

По завршувањето на ревијата, уникатните парчиња ќе бидат изложени во рамки на специјализираниот шоу рум кој исто така како дел од програмата на Скопскиот Моден Фестивал ќе биде поставен во Скопје Сити Мол на првиот кат, а сите љубители на модата тука ќе имаат можност одблиску да се запознаат со новата колекција на брендот.

Објавено:
10 ноември 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
947 пати