Заврши првиот дел од Скопскиот моден фестивал – микс од актуелни тендеции и симболични пораки на писта

7 март 2022

Различни естетики и пораки кои имаат за цел да не' поттикнат на размислување - ова се дел од впечатоците од ревиите кои имавме можност да ги видиме викендов во рамки на првиот Скопски моден фестивал кој се одржува во „Скопје Сити Мол“.

 

Вториот ден микс на „улична мода“ и дизајнерски израз

Честа да ја отвори втората вечер од модниот настан ја имаше дизајнерката Евгенија Зафировска. Уште со излегувањето на првиот модел на писта, може да се забележи нејзината препознатливост - спој на природни материјали и рачна изработка. Дизајнерката употребува природни материјали - лен, памук, свила, волна, а ги комбинира со хеклани елементи, односно различни техники на ткаење и плетење.

На пистата беа прикажани и неколку модели за мажи, што досега не беше честа практика во нејзините колекции. Посебен акцент е ставен на сакоата кои имаат структурална форма и каде може да се забележи фина дизајнерска умешност. Модните додатоци овој пат ги потпишува нејзината соработничка од Словенија, Теја Јеглич, со која и друг пат соработувала. Чантите со различни форми и бои со нејзин потпис имаа за цел да ја надополнат приказната на Ена, што некаде е одлично направено, но некаде контрастот ни изгледаше премногу силен. Крајниот впечаток е дека Ена останува доследна на својата препознатлива естетика и стил, но не стравува да се обиде да ги прошири границите, да ги истражува начините на рачна изработка и да се навлезе во нов правец.

После македонско-словенското дуо, публиката можеше да ги види и креациите на грчкиот бренд „STL Studios“. Се работи за млад бренд, основан лани во Атина. Фокусот на нивната работа е луксузна секојдневна облека, односно street wear. И токму тоа беше претставено и во Скопје.

Се работи за парчиња кои претежно се со волуменозни кроеви, нудејќи комоција и слобода при движењето. Кога се боите во прашање, доминира црвената боја, која како велат ја симболизира страста со која работат. Кога се материјалите пак во прашање, искористени се ткаенини со принт, најчесто геометриски форми, но вклопени во несекојдневен начин, што треба да ја претставува слободата на израз. Пораката што сакаат да ја пратат е дека нивната облека ја слави почитта, толеранцијата, љубовта и различноста.

Дизајнерката Сара Реџиќ на публиката ѝ ја претстави колекцијата „Сестри“. Од Сара се очекува да прикаже пачворк техника и етно мотиви, па и овој пат ги исполни очекувањата останувајќи доследна на она што го пронајде како свој моден израз. Елементи од гоблени во комбинација со хеклани и плетени парчиња, џинс, тантела како и етно мотиви од регионот - сето ова беше споено во нејзините еклектични креации.

Освен ова, ревијата на Реџиќ остана запаметена по дефилето на крајот, кога манекенките се појавија со листови на кои беа испишани антивоени пораки, односно пораки за ширење на мир и љубов. Ова секако доаѓа во контекст на воените немири помеѓу Украина и Русија, потоа Сирија и како вели дизајнерката, секаде каде што има војна, потенцирајќи дека модата во вакви ситуации треба да биде медиум кој ќе покаже поддршка и свесност.

Вториот ден од Скопскиот моден фестивал го затвори брендот „Суперстејси“, прикажувајќи колоритна колекција на спортска облека, за оние кои спортуваат и ги следат трендовите за здрав и активен живот.

 

Третиот ден во знакот на симболичните пораки пренесени преку јазикот на модата

Третата, воедно и последна вечер од првиот дел на Скопскиот моден фестивал, ја отвори дизајнерката Стефанија Насеска со колекција „The Great“, во која покажа симболика инспирирана од ликот и делото на Александар Македонски, а сето тоа поставено во контекст на она што подразбира актуелни тенденции. Истовремено, со оваа ревија дизајнерката прослави 10-ти јубилеј на модните писти, односно ова е десетта година од нејзината прва колекција. Како што ни кажа и самата дизајнерка, во оваа колекција е имплементиран елемент од секоја нејзина претходна линија, креирајќи еден омаж од нејзиното досегашно творештво.

„Пред да ги видам моделите на манекенки, никогаш не сум задоволна од самата себе. Претпоставувам секој перфекционист го има тоа во себе. Меѓутоа, навистина сум задоволна од последната слика пред излегувањето на писта - беше вистински адреналин", ни ги пренесе Стефанија првите лични импресии по ревијата.

Асоцијацијата за колекцијата е веднаш воочлива. Дизајнерката пронашла инспирација во ликот на Александар Македонски, гледан како космополит.

„Во колекцијата е искористена доста бела боја, затоа што белата е боја на Александар Македонски, исто така и лавовските детали и аксесоари се директна инспирација од македонското кралско семејство. Има многу симболика во самата колекција. Парчињата се прилагодени да бидат модерни, комерцијални, но сепак со порака позади себе. Јас направив едно огромно истражување за да го дефинирам концептот на колекцијата. Секој детаљ е поврзан со одреден дел од инспирацијата и темата што ја истражував. Аксесоарите на глава на пример се инспирирани од шлемот, поточно симболизира лавовска глава. Морам да потенцирам дека од шлемовите, до секој детаљ од колекцијата, сѐ изработував сама. Навистина ми беше пренапорно, но се исплатеше", вели дизајнерката.

Програмата продолжи со ревија на албанската дизајнерка Катерина Зото, чија естетика е препознатлива по традиционалните елементи. Така и во оваа колекција, прво што ќе забележите се токму етно мотивите. Колекцијата е насловена „Grandma touch", директно насочувајќи ве кон тоа што бил основниот мотив за оваа колекција - силната релација на дизајнерката со нејзината баба која била ракотворец, односно рачно изработувала килими. Таа релација баба-внука се провлекува низ целата колекција, преку миксот на традиционални и модернистички елементи, стилизирани во модели во претежно широки и опуштени кроеви, лелеави кошули во асиметрични линии, фустани украсени со реси и карнери, во комбинација од три доминантни бои: бела, вино црвена и црна.

Вечерта беше затворена со ревија на „Emili Exclusive Design" во која акцентот беше ставен на свечената облека. Комбинација од макси фустани со свечена нота доработени со карнери и изразени странични отвори, па се до волуменозни мини здолништа во микс меѓу црни, беж и златни тонови, беше замислата со која финишираше првиот дел од Скопскиот моден фестивал.

Вечерва, започнува вториот дел од програмата со отворање на тринеделен шоурум во Скопје Сити Мол.

Објавено:
7 март 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
822 пати