Оваа година, модната недела во Лондон беше принудена да се соочи со одредени измени како резултат на смртта на кралицата Елизабет Втора. Дел од модните дизајнери кои ги претставија своите колекции, ги откажаа ревиите, а дел ги презакажаа за подоцнежниот период.
Едена од нив беше модната куќа Александар Меквин, чија ревија се одржа во вторникот во дворот на Greenwich Naval College.
Моделите кои ги носеа креациите на креативниот директор Сара Бартон чекореа по минималистичка, но импресивна сцена во проѕирна купола чија улога, покрај естетска, беше и симболична.
Она што беше највпечатливо за оваа колекција е дека окото претставуваше најчест мотив кој се провлекуваше низ креациите. Па така, во сооднос со проѕирноста на куполата, оваа сценографија ги симболизира човештвото и светот околу нас, пренесувајќи порака дека не смееме да замижуваме пред итни општествени прашања.
Колекцијата на Бартон претставуваше ретро-футуризам и враќање на некои од клучните парчиња на брендот, како „bumster" силуетата (низок струк кој го открива гормниот дел од задникот) која создаде вистинска модна револуција и ја претстави сексапилноста на специфичен и поинаков начин.
Наедно, на пистата најмногу можеа да бидат забележани материјали како латекс, кожа, но и лелеави и романтични материјали.
Дополнитела возбуда претставуваше дефилето на 52-годишната манекенка Наоми Кембел.
Погледнете како изгледаше ревијата на Александар Меквин оваа недела.
Фото: Vogue